Четвртото издание на „Златна рамка“, ревија на македонски филмови во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 9 до 12 јуни, во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар. Оваа година ќе бидат прикажани осум филма од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филмови, еден документарен и четири краткометражни филмови.
Значаен новитет на „Златна рамка 22“ е отпочнување на социјалната програма „Фокус“, која ќе биде наменета за публиката што од најразлични социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“. Водејќи се од ова сознание, ДФРМ одлучи филмот да го донесе пред оние граѓани, во институциите каде што се затекнати поради најразлични околности (пензионерски домови, затвори, болници, домови за деца, казнено-поправни домови итн.).
– Филмската уметност им припаѓа на сите, без исклучок. Филмот, од самата негова појава, пред речиси 130 години, сѐ до денес е постојан придружник на современиот човек, без разлика на неговиот материјален, образовен и социјален статус. Но, за жал, а особено на овие наши простори, постојат извесни групи на граѓани, кои од најразлични причини се социјално маргинализирани, изолирани и спречени да восприемаат филмска уметност, што, пак, во современиот свет претставува елементарно човеково право, без разлика на статусот на секој еден од нас.
Водени од мотото „ако вие сте спречени да дојдете на филм, ние филмот ќе го донесеме кај вас“, годинашната „Златна рамка“ ќе биде одбележана и со организација на проекции во рамките на установи и институции каде што живеат или престојуваат лица што не можат да одат во кино ниту да посетат филмски фестивал или друг вид настан. Годинава, проекции ќе има за штитениците во домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје на 11 јуни, додека во градската општа болница „8 Септември“ и во затворот „Шутка“, ќе бидат прикажани филмови на 12 јуни
Овие дисперзирани проекции како дел од „Златна рамка 22“, а поместени во програмата „Фокус“, во иднина ќе бидат надградени со инвентивни работилници и проекции чија крајната цел е инклузивноста на маргинализираните групи на граѓани во тековите на културниот живот.