Светската здравствена организација потврди дека од почетокот на воениот конфликт меѓу Русија и Украина биле нападнати 226 здравствени установи, што претставува две третини од сите напади врз објекти на здравствената заштита во светот годинава, објави денеска директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
Клуге кажа дека во нападите загинале најмалку 75 лица, а 59 се повредени.
– Овие напади не се оправдани, тие никогаш не се во ред и мора да се истражат – рече тој, додавајќи дека здравствената агенција на ОН ќе сподели детали за нападите со украинските власти и другите независни истражители.
Клуге кажа дека е длабоко вознемирен од извештаите за растечкото сексуално насилство во Украина, потенцијалното избивање на колера во окупираните делови на земјата и дека СЗО подготвува вакцини против колера.