Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Драган Стојковиќ, најави дека улица во Белград ќе го носи името на легендарниот југословенски тренер Ивица Осим, кој почина на 1 мај на 81-годишна возраст.
Харизматичниот страгег, кој во својата играчка кариера го доби прекарот „Штраус од Грбавица“, ја предводеше репрезентацијата на поранешна СФР Југославија од 1986 до 1992 година, кога се повлече од должноста поради војната во БиХ.
– Навистина ми е мило што Белград и Србија на соодветен начин ќе му се оддолжат на еден прекрасен човек и фантастичен фудбалски работник. Осим беше космополит, убаво се чувствуваше и во Загреб, и во Белград и во Скопје, Љубљана, Титоград, Нови Сад, Приштина … И секаде го сакаа. Со еден збор, беше Југословен – изјави Стојковиќ, кој беше дел од југословенската репрезентација под водство на Осим.