Целиот свет е на трка. И Македонија неуморно трча по датум за преговори. Ултрамаратон што не завршува. Политичарите трчаат по целеното. Се трча по повисоки плати, за поголем статус, позиција… Денес, и животот е трка. Бркаме разни цели и целиме сѐ повисоко. Во многу трки се трча преку сѐ, се гази преку сѐ, што на крајот е неизвесно и дали ќе останеме на нозе или ќе излеземе повредени, дали ќе се заврши трката или ќе истече времето
Трчањето е терапија. Носи внатрешен мир. Слобода. Време поминато со себе. Поставува цели. Надминува цели. Предизвикува. Го ослободува умот. Менува.
Бројот на тркачи кај нас е во константен раст. Сѐ повеќе рекреативци се мотивирани да ги почувствуваат бенефициите на трчањето, коктелот емоции, адреналинот. Но она што заслужува убав збор и бодрење, пофалба и позитивна критика се многубројните трки што ги обединуваат тркачите, ги предизвикуваат да се подобрат во личните резултати, ги промовираат градовите, ги развеселуваат улиците. Иницираат ведрина, позитива. Се преобразија во празник за себенадминување.
Сѐ почна со Скопски маратон, па така и јас, веќе сум вбројана меѓу страсните тркачи. Одговорно тврдам дека трките се најсилен мотиватор. Одекот на патиките на асфалтот со стотици, илјадници учесници шири таква енергија што те движи, влегува под кожа и остава последици што траат и провоцираат. И апетитот, секако, не застанува овде кога знаеш дека фабулозно е чувството да го доживееш градот во трк, да си дел од едно позитивно стампедо, полно со еуфорија, желба за себенадминување, за достигнување нови врвови…
„Скопје ран“ во неделата беше токму таков вистински празник за себенадминување. Радост на градот.
Тркачката епидемија почна со Скопски маратон, кој веќе е обележје на градот. Поттикнува илјадници тркачи, домашни и странски, да го вкусат духот на Скопје, да го доживеат во најблескаво, ултрапозитивно светло.
Па оттука срамежливо почнаа многу градови и организатори да имплементираат трки во својата годишна агенда, да ги привлечат тркачите да ги пробаат и улиците на помалите градови. Да го почувствуваат шармот на струшката „Трка на поезијата“ закажана за 22 мај, „Охрид трчат“ на 5 јуни, „Трчај бе“ во Битола, Кавадаречкиот полумаратон, „Новембар ран Гевгелија“, велешката „Атлетска трка: Трчаме за Рацин“… Возбудлив е моментот да се регистрирате за настан во град што инаку не сте имале можност да го видите или никако не стигнува на ред да го посетите, или едноставно да го видите од поинаков агол.
Трчајќи низ булеварот Илинден, во неколкучасовен стишен градски метеж, се осознава нова, поинаква димензија од Скопје. Се овозможува панорамско разгледување, и булеварите изгледаат пошироко, и боите се повесели, и музиката на градот е почујна. И Битола е екстремно привлечна во ритам на трчање. Бесценето е чувството да се претрча Широк сокак низ многубројна публика. Да се направи круг на места кај што не би поминале инаку.
Трките се вистински промотор за градовите и своевремено претендираат да преминат во традиција. Овозможуваат секој град да живне, а живоста, енергијата, архитектурата, инфраструктурата, посебноста на градот да ја почувствува секој што ќе се најде заинтригиран. Трендот на градските улични маратони, трки, полумаратони е одамна актуелен низ светот. Еден е Њујоршкиот маратон, потоа се Бостонскиот, Љубљанскиот, Загрепскиот, Белградскиот, Берлинскиот, Парискиот, маратонот во Барселона, Рим, Виена, Солун… И вистинска радост е оваа тенденција што вртоглаво се шири и кај нас. Одлично е што конечно и нашите трки се мултиплицираат, добиваат поддршка, почит и се инспирација за многу учесници.
Многу маратони, полумаратони канат многубројна публика, рекреативни и професионални тркачи.
Календарот со трки брзо се полни. Предизвици има многу.
Интензивниот тренинг и менталната подготовка се клучни за успехот на секој тркач. Но силен засилувач на чекорот е и дестинацијата.
Трките организирани низ градовите ги комбинираат патувањето, спортот и личниот предизвик. Ја зближуваат и зајакнуваат заедницата за трчање. Уникатна е можноста почетниците и професионалците да го делат истиот простор. Идниот датум на трката во календарот поставува нова цел, воведува дисциплина, укажува на слабостите, дава основа за структурирање на идниот тренинг… И сето ова кај нас веќе не е непознато, туку веќе рутина на многумина.
Трчањето трка не е лесен подвиг. Ниту станува лесно со текот на времето. Затоа што секогаш се поставуваат нови цели. Најголем број од тркачите на трките се натпреваруваат против своите лични рекорди, дури и ако се на крајот од линијата. Додека земјата се врти под нозе за време на трка ја осознаваме максималната брзина што постои во нас.
Одговорно тврдам дека трките се најсилен мотиватор. Одекот на патиките на асфалтот со стотици, илјадници учесници шири таква енергија што те движи, влегува под кожа и остава последици што траат и провоцираат. И апетитот, секако, не застанува овде кога знаеш дека фабулозно е чувството да го доживееш градот во трк, да си дел од едно позитивно стампедо, полно со еуфорија, желба за себенадминување, за достигнување нови врвови…
Денес, и животот е трка. Бркаме разни цели и целиме сѐ повисоко. Трчаме да фатиме темпо да бидеме успешни на работа, да изградиме кариера, да бидеме присутни дома, да бидеме присутни надвор, да имаме време за себе, културно да се издигнеме, да испиеме по едно пиво, дури и денот некогаш ни е прекраток.
Целиот свет е на трка. И Македонија неуморно трча по датум за преговори. Ултрамаратон што не завршува. Политичарите трчаат по целеното. Се трча по повисоки плати, за поголем статус, позиција… Во многу трки се трча преку сѐ, се гази преку сѐ, што на крајот е неизвесно и дали ќе останеме на нозе или ќе излеземе повредени, дали ќе се заврши трката или ќе истече времето.
Затоа понекогаш можеби треба и да забавиме со темпото. Да уживаме во патувањето. Да ја забележиме публиката, да ѝ се заблагодариме на поддршката, да видиме до кај сме стигнале, да не се изгубиме себеси, да провериме дали сме во вистинската насока, колку резервоарот со енергија што нѐ движи ни е полн, дали нашата трка има цел и дали од неа излегуваме како победници!? Понекогаш не е важно колку бавно или брзо се движите, сè додека не застанете.