Големите годишнини и јубилеи заслужуваат посебен пиетет и изрази на највисока почит. Но дали е баш така во актуелната политичка реалност? Зошто, којзнае по кој пат, непринудени од никого, самите си пукаме не во нога, туку во глава? Каков е тој македонски синдром на самоуништување, самонегација, разединетост што излегува на виделина при вакви големи годишнини, кои, пак, во својата суштина носат сосема друга порака на семакедонско обединување?
Мај е месец на големи годишнини и јубилеи. Сите тие се потсетник за минатото, но и патоказ за иднината. Истовремено во себе носат и заедничка нишка за стремежот, борбата и опстојувањето на македонскиот народ низ историските премрежиња и вековите. Затоа ваквите годишнини заслужуваат посебен пиетет и изрази на највисока почит. Но дали е баш така во актуелната политичка реалност? Еве, да почнеме со ред. Деновиве скромно и без помпа беа одбележани 4 Мај и 119-годишнината од загинувањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Настанот помина без присуство на лидерите на двете најголеми политички партии во државата. Или, со други зборови, неоправдано отсутни беа премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и лидерот на опозицијата, Христијан Мицковски. Отсуство на актуелен премиер и лидер на најголемата опозициска партија не може да се смета за некаков превид. Тоа повеќе наликува на политичко хазардерство за двајцата. Или, како што вели претседателот Пендаровски, јазот меѓу Ковачевски и Мицковски бил толку длабок, што нему не му успеало да ги собере ниту на неформално дружење и заедничко гледање на фудбалскиот натпревар Македонија – Португалија. Навистина било така. Ете, дури и Гоце Делчев не успеа да ги собере двајцата лидери. Што оди само на штета на Македонија и нашите национални интереси.
Истовремено истиот ден чествување за Делчев имаше и во Бугарија, на кое присуствуваше целиот државен и политички врв. Тоа може да испрати погрешни сигнали пред домашната и меѓународната јавност дека Македонија самата се повлекува и се откажува од својата историја и своите великани, што од друга страна ја става Бугарија во позиција пред светот да се претставува како единствен чувар на ликот и делото на Делчев. За македонската јавност навистина е чудно и несфатливо како и премиерот и лидерот на опозицијата не најдоа време да се поклонат пред гробот на најголемиот македонски великан Гоце Делчев и да испратат пораки со кои ќе ја истакнат неговата важност за македонската држава.
Зошто, којзнае по кој пат, непринудени од никого, самите си пукаме не во нога, туку во глава? Каков е тој македонски синдром на самоуништување, самонегација, разединетост што излегува на виделина при вакви големи годишнини, кои, пак, во својата суштина носат сосема друга порака на семакедонско обединување. Продолжуваме понатаму.
Ден потоа, односно на 5 мај, го одбележавме и Денот на македонскиот јазик и македонската азбука. Исто така голем и значаен јубилеј. За волја на вистината, овој пат политичарите имаа подготвено пригодни говори и испратија впечатливи и моќни пораки. Но, за жал, изгледа пак ќе останат само празните зборови. Зашто во реалноста состојбите се сосема поинакви. Лингвистите одамна алармираат за институционалната и секаква друга негрижа за македонскиот јазик. Новиот закон за македонскиот јазик е заглавен во Собранието и никој не мрда со малиот прст состојбите да се поправат. Катедрите за македонски јазик и книжевност и Катедрата за национална историја, како национални катедри што се во темелот на создавањето на македонската држава, се препуштени сами на себе. За нив е исто така потребно носење посебен закон, кој никаде го нема. Во Институтот за македонски јазик кадарот е преполовен и во изминатите години не се примени нови научни работници. Мал е интересот и за упис на нови студенти, ниту пак има стимулации за такво нешто.
Сето ова е показател за немање стратегија за македонистиката на највисоките државни инстанци. Македонскиот јазик е темел на македонскиот идентитет и во најмала рака со ваквиот однос и негрижа кон јазикот се загрозува и македонската нација.
Пред нас е и 24 Мај, Денот на сесловенската писменост, кога повторно со право ќе се навратиме пак на овие теми и дилеми. Но едно е повеќе од сигурно.
Никако не смееме да се доведеме во ситуација самите да го загрозуваме и девалвираме македонскиот јазик. По која било основа и поради каква било причина.
И лека-полека доаѓаме до уште една голема годишнина во мај. Денот на Европа или Денот на победата над фашизмот. Баш сум љубопитен што ќе добие примат в понеделник, на 9 мај, при домашните чествувања на овие големи годишнини.
Дали Денот на Европа или победата над фашизмот. Кој и каде ќе биде „оправдано“ отсутен или неоправдано присутен? Дали и околу оваа двојна годишнина, која е еднакво значајна за македонската држава и македонскиот народ ќе се поделат домашните политички елити?
Колку за потсетување, Денот на победата над фашизмот се слави во знак на сеќавање на крајот на Втората светска војна во Европа во 1945 година, кога само неколку минути по полноќ на 9 мај во разурнатиот Берлин беше потпишана безусловната капитулација на Третиот Рајх.
Денот на Европа, пак, е воспоставен како Ден на сеќавање на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во настанувањето на Европската Унија.
И двата повода се тесно поврзани и испреплетени меѓу себе, зашто Европа, како и Македонија, активно учествуваше во победата над фашизмот. Од друга страна, во истата таа Европа и ден-денес има појави на профашистички елементи и идеологии за величање нацифашизам, шовинизам, геноцид, што е спротивно и на меѓународното право и на идеалите на Европа! Доволно е само да се потсетиме на неодамнешниот настан во антифашистичка Битола, која даде илјадници жртви во НОБ и каде што намерно како дрска провокација од страна на Бугарија беше отворен клуб со името на најблискиот соработник на фашистите, Ванчо Михајлов.
Можеби фашизмот, односно неговата манифестација во одреден историски период, е поразен, меѓутоа оваа идеологија и опасноста што фашизмот ја носи и понатаму е присутна во Европа и нејзините членки. И тоа станува сѐ повеќе видливо во последно време.
Затоа клучното прашање што треба да си го постави Европа пред овој 9 Мај е колку таа самата останала доследна денес на идеалите на антифашизмот, за кои некогаш се борела и на чии темели е основана. Ако останува и понатаму доследна, зошто го толерира однесување на некои нејзини членки, како Бугарија на пример, кои отворено на јавна сцена промовираат фашизам. И додека Европа можеби сѐ уште се дума во кој правец ќе продолжи, за Македонија не може и не смее да има никакви дилеми.
Македонскиот народ и македонската држава достоинствено и со крената глава треба да ги одбележат и двете годишнини. И Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот. Зашто и во двете сме длабоко вградени како народ и како идеја. И сето тоа скапо сме го платиле. Деветти мај му припаѓа на целокупното слободољубиво и правдољубиво човештво определено за слобода, еднаквост и правда!
Сосема за крај и за одредени појави, карактеристични за месец мај, кои немаат допирни точки со политиката, но имаат со природата. Мај е препознатлив по еден инсект наречен Malontha melontha, меѓу народот попознат како мајски бумбар. Некои го опишуваат како дезориентиран тврдокрилец што лета наваму-натаму, напразно брмчи и често удира со главата во стакло кога ќе се најде во тесно. Затоа за некој што слично се однесува обично се вели – му влегле бумбари во глава – не му се јасни работите, нешто му брчи во главата.
Без алузија кон никого, но феноменот на Malontha melontha несомнено е присутен и во високата политиката, на глобално или на локално ниво сеедно. На многумина што се во неа изгледа не им се докрај јасни работите и постојано нешто им брмчи во главата. А таквите дезориентирани, превртливи и безидејни мекоглавци се најопасни за општеството.