Русија сега е единствената голема сила што има добри односи со сите земји на Блискиот Исток

Во оваа верзија на студената војна од 21 век, незападните земји ќе одбијат да заземат страна, порачува Анџела Стент за „Форин полиси“

Сегашните поделби меѓу Западот и остатокот од светот ќе го обликуваат светскиот поредок по завршувањето на конфликтот во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин можеби направи неколку погрешни пресметки пред да ја започне својата специјална воена операција во Украина, но правилно процени дека „остатокот“ или незападниот свет, нема да ја осуди Русија или да воведе санкции. На денот кога изби конфликтот, американскиот претседател Џо Бајден рече дека Западот ќе се погрижи Путин да стане „изолиран на меѓународната сцена“, но за поголемиот дел од светот, тоа не е така. Во изминатата деценија, Русија негуваше врски со земјите од Блискиот Исток, Азија, Латинска Америка и од Африка – региони од кои се повлече по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Меѓутоа, светот не е обединет во ставот дека руските постапки се неоправдани, ниту пак значителен дел од светот е подготвен да ја казни Русија. Неподготвеноста на остатокот од светот да ги загрози односите со Путиновата Русија ќе ја искомплицира способноста на Западот да управува со врските со сојузниците и другите не само сега туку и кога конфликтот ќе заврши.

Ставот на Кина

Предводник во остатокот од светот во одбивањето да ја осудат Русија е Кина. Руско-кинеската заедничка изјава на 4 февруари, потпишана кога Путин го посети Пекинг на почетокот на Зимските олимписки игри, ги велича нивното партнерство „без ограничувања“ и посветеноста да се борат против западната хегемонија. Неоспорно е дека Кина ја поддржува Русија од почетокот на конфликтот. Пекинг се воздржа од гласовите на ОН за осуда на Русија и гласаше против резолуцијата за суспендирање на земјата од Советот за човекови права. Но Пекинг повика и на прекин на непријателствата и повтори дека верува во територијалниот интегритет и суверенитет на сите држави, вклучувајќи и на Украина. Кина е главен трговски партнер на Украина, која е дел од проектот „Појас и пат“, така што Пекинг не може да го поздрави економското уништување што го доживува земјата.
Сепак, Си избра да се здружи со Путин и тие делат заедничка загриженост против светскиот поредок во кој доминираат САД, за кои веруваат дека ги занемарил нивните интереси. Тие се решени да создадат постзападен глобален поредок, иако се разликуваат по тоа како треба да изгледа. Големите кинески финансиски институции досега ги почитуваа, но и внимателно ги проучуваат западните санкции. На крајот на краиштата, економскиот удел на Кина во односите и со Европа и со САД е многу поголем отколку со Русија.

Ставот на Индија

Другиот главен отпор против критиките кон Русија доаѓа од Индија, најголемата демократија во светот и партнер на САД во Квадрилатералниот безбедносен дијалог. Таа се воздржа од трите резолуции на ОН и одби да ја санкционира Русија. Индискиот министер за надворешни работи рече дека Русија е „многу важен партнер во различни области“, а Индија продолжува да купува руско оружје и нафта. Премиерот Нарендра Моди има неколку причини зошто одбива да ја осуди Русија. Факторот Кина е клучен. Индија ја гледа Русија како важен посредник против Кина, а Русија дејствуваше за да ги смири индиско-кинеските тензии по нивните гранични судири во 2020 година. Покрај тоа, индиската традиција на неутралност и скептицизам од Студената војна кон САД создаде значителна јавна поддршка за Русија.

Арапскиот свет и Блискиот Исток

Еден од главните надворешнополитички успеси на Путин во текот на изминатата деценија беше враќањето на Русија на Блискиот Исток, обновувањето на врските со земјите од кои постсоветска Русија се повлече и воспоставувањето нови со оние со кои немаше претходно. Таа сега е единствената голема сила што има добри односи со сите земји во регионот и има врски со сите групи од сите страни на секој спор. Иако повеќето арапски земји гласаа да ја осудат руската инвазија на првото гласање во ОН, 22-члената Арапска лига подоцна не го направи тоа. Многу арапски земји беа воздржани на гласањето за суспендирање на Русија од Советот за човекови права. Упорните сојузници на САД, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Израел, не воведоа санкции кон Русија. Путин и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман разговарале двапати од почетокот на конфликтот. Позицијата на Израел во голема мера зависи од поддршката на Русија за режимот на Башар ал Асад во Сирија. Израел стравува дека антагонизирањето на Русија може да го загрози неговиот капацитет да ја брани северната граница. Земјата испрати теренска болница и друга хуманитарна помош во Украина, но не и оружје. Израелскиот премиер Нафтали Бенет дури накратко дејствуваше како посредник меѓу Русија и Украина, но неговите напори се покажаа неуспешни. За многу земји од Блискиот Исток, нивниот став кон Русија е обликуван и од нивниот скептицизам кон САД, кои понекогаш се несигурни партнери во регионот. Единствената навистина проруска земја е Сирија, чиј лидер Асад одамна немаше да биде на власт да не беше руската воена поддршка.

Африка

Повеќето африкански земји беа воздржани на гласањето за осуда на руската инвазија, а многумина гласаа против суспендирањето на Русија од Советот за човекови права. Јужна Африка, демократска членка на групата БРИКС на економии во развој, не ја критикува Русија. За многу африкански земји, Русија се смета за наследник на Советскиот Сојуз, кој ги поддржуваше за време на нивните антиколонијални борби. Советскиот Сојуз беше главен поддржувач на Африканскиот национален конгрес за време на ерата на апартхејдот, а сегашното раководство на Јужна Африка чувствува благодарност кон Русија. Како и на Блискиот Исток, непријателството кон САД исто така игра улога во влијанието врз африканските погледи на инвазијата.

Латинска Америка

Дури и во сопствениот двор на САД, Русија има свои навивачки. Куба, Венецуела и Никарагва ја поддржаа Москва, како што се очекуваше, но други, исто така, одбија да ја осудат инвазијата. Бразил, инаку член на БРИКС, прогласи став на „непристрасност“, а претседателот Жаир Болсонаро го посети Путин во Москва непосредно пред инвазијата и се изјасни себеси „во солидарност со Русија“. Поголема прашина крена одбивањето на Мексико да претстави заеднички северноамерикански фронт со САД и со Канада и да ја осуди инвазијата.

Што по конфликтот?

Остатокот од светот можеби сочинува повеќе од половина од светското население, но е посиромашната половина, составена од многу помалку развиени земји. Комбинираниот БДП, економската моќ и геополитичката тежина на Западот многу го надминуваат влијанието на оние земји што одбија да ја осудат инвазијата или да ја санкционираат Русија. Сегашните поделби меѓу Западот и остатокот од светот ќе го обликуваат кој било светски поредок што ќе се појави по завршувањето на конфликтот. Двете клучни земји се Кина и Индија, кои ќе гарантираат дека Путин нема да биде меѓународно изолиран. По крајот на конфликтот, САД ќе го зајакнат своето воено присуство во Европа и, веројатно, трајно ќе стационираат трупи во една или повеќе земји на источното крило на НАТО. Ако една од долгогодишните цели на Путин беше да го ослаби НАТО, неговата воена операција против Украина го постигна токму спротивното, не само што ја оживеа Алијансата туку ѝ даде нова цел по Авганистан и ќе се прошири, веројатно, со Шведска и со Финска. Но во оваа верзија на студената војна од 21 век, незападните земји ќе одбијат да заземат страна. Неврзаното движење од годините на Студената војна повторно ќе се појави во нова инкарнација. Овој пат, другите ќе ги задржат своите врски со Русија, дури и кога Вашингтон и неговите сојузници ќе го изолираат Путин.