Силно ги поддржуваме вашите евроаспирации и сакаме што побрзо да се одржи меѓувладината конференција. Премногу се одолговлекува нејзиното одржување. Исполнивте тешки задачи, ги исполнивте реформите и заслужувате брзо да напредувате. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ, порача помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид по денешната средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
На заедничката прес-конференција со Османи во МНР, Донфрид истакна дека пристапувањето на земјава во ЕУ ќе донесе поголема стабилност на Балканот и поголем простперитет во Европа.
– САД изразува пофалби за напорите на Северна Македонија за евроатланстката иднина. Силно ги поддржуваме вашите евроаспирации и сакаме што побрзо да се одржи меѓувладината конференција. Предолго се одолговлекува нејзиното одржување – нагласи Донфрид.
Таа ја пофали земјава и во однос на јасно изразениот став околу руско-украинскиот спор.
– Вие сте бранители на демократијата и на владеењето базирано на правила. Застанавте заедно со меѓународните партнери во поддршка на украинскиот народ. Знаете колку е важна слободата и повеќе пати сте докале дека сте стабилен партнер. Ова е време на предизвици и можности Северна Македонија покажа дека е способна да застане во одбрана на човековите права. Треба да го одржите темпото на реформите, но покажавте дека можете да се справите со предизвикот – подвлече американската помошник државна секретарка.
Таа дополни дека САД ја ценат и улогата на нашата држава во тројката на ОБСЕ, како и дека со нетрпение го очекуваат нашето претседавање. Донфрид го најави и стратешкиот дијалог на двете влади што треба да се одржи во Вашингтон.