Фото: Игор Бансколиев /Архива

Со триумфот од 27-25 над Чешка во вториот бараж-дуел, македонската машка репрезентација по осми пат ќе биде дел од едно СП. Во спектакуларна атмосфера, преполна со емоции, од репрезентацијата се збогува Филип Миркуловски, а свое заминување најави и Стојанче Стоилов

Во спектакуларна атмосфера, пред 7.000 гледачи во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, македонската ракометна репрезентација, предводена од селекторот и играч Кирил Лазаров, го одржа континуитетот на настапи на големите натпреварувања, со пласманот на Светското првенство (СП) во 2023 година (11 до 29 јануари), шесто во низа, а осмо во нејзината историјата. Македонските најдобри ракометари заедно придружени со бучната публика, со овации го прославија триумфот над Чешка, со 27-25, во вториот бараж-меч (или вкупно 51-49), иако неизвесноста, кој ќе биде патникот за Полска и Шведска, лебдеше до последните секунди. Френетичното славење по заслужената победа продолжи во соблекувалната, каде што громогласно ечеше „Македонија, Македонија“… Убаво беше во неделата вечер да се биде Македонец, да се навива за својата држава и на крајот да се прослави заслужениот триумф по бараж-елиминацијата на две реномирани репрезентации како што се Романија, четирикратниот светски првак и Чешка. Последниот гол од седум метри на бекот Филип Кузмановски значеше и почеток на големото спортско славење, а крај за надежите на Чесите. Токму Кузмановски со девет гола беше и најефикасен во македонскиот состав, го следеше Филип Талески со шест. На голот извонреден беше Никола Митревски, со 14 успешни интервенции.
Тимската работа, почитувањето, скромноста, дисциплината, борбеноста и желбата за докажување ја красат оваа подмладена ракометна генерација, предводена од искусниот Лазаров. А на претстојното СП повторно гласно ќе навиваме, ќе ракоплескаме, ќе се радуваме на секој постигнат гол, на секоја нивна победа, на секој освоен бод што ќе ја носи Македонија чекор понапред.

– Заслужено победивме оти демонстриравме квалитет. Во првиот дел заслуживме да водиме со повеќе голови. Минавме две моќни репрезентации, Романија и Чешка. Им честитам на сите момци, кои го дадоа најдоброто од себе. Пресреќен сум, ова е голем резултат за Македонија, имаме добри шанси да играме и на следното ЕП, но ќе мора да работиме сериозно. Драго ми е и за играчите. Не е лесно да се биде репрезентативец на Македонија. Ако се случеше и мое простување по натпреварот, тоа ќе беше притисок плус врз мене, па добро го истемпиравме сето ова. И претходно реков, има време за простувања, најважно беше да го задржиме континуитетот и во тоа успеавме. Деценија и повеќе сме на големи натпреварувања, имавме полна сала и таа традиција треба да ја негуваме. Без разлика дали со мене или без мене, треба да градиме нова селекција зашто народот ја сака и ја почитува оваа репрезентација. Благодарност до целата јавност, до оваа феноменална публика, до сите критичари и поддржувачи – изјави најдобриот македонски ракометар и селектор Кирил Лазаров.
Натпреварот против Чешка беше последен репрезентативен настап за неуморниот ракометар со лавовско срце, бекот Филип Миркуловски.
– Целта е остварена, се пласиравме на СП, а тоа ми беше најважно. Овој меч беше полн со емоции, посебно за мене оти ми беше последен. Секогаш е убаво чувството кога се игра за Македонија. Чест ми е што играв 20 години за оваа репрезентација и секогаш го давав максимумот. Може да се одигра лошо или добро, но да се гине на теренот не може никој да ви забрани. Има многу добри ракометари на мојата позиција и мислам дека ќе направат успешна кариера – со емоции изјави Миркуловски, кој пред натпреварот доби пригоден подарок, дрес со бројот 13, од претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов.
Свое збогување по мечот, по малку изненадувачки најави и пикерот Стојанче Стоилов.

– Ми беше чест и задоволство цели 15 години да бидам во македонската репрезентација и со гордост да го носам нејзиниот дрес. Пешевски и Маркоски напредуваат и заслужуваат уште поголема минутажа на следното Светско првенство. Има толку многу имиња што сакам да ги набројам и на кои им должам многу работи. Ќе почнам од Кирил Лазаров, кому му благодарам за сѐ што успеавме и не успеавме да направиме, благодарност и за Филип Миркуловски, кој го остави здравјето играјќи за Македонија. Здравјето е причина и за мојата одлука, чувствувам дека телото веќе не ги издржува сите овие напори. Голема благодарност и до целата македонска јавност. Ми беше чест да играм за оваа репрезентација – изјави Стоилов.


Македонија од вториот барабан ќе ја чека ждрепката за СП

Македонија при ждрепката, која е закажана за 2 јули во Катовице, ќе биде извлечена од вториот по квалитет барабан. Тоа значи дека нема да може да падне во групата Б во Катовице, каде што игра Полска од вториот барабан, како и другите седум, кои се сместени во истото друштво: Хрватска, Катар, Белгија, Португалија, Бразил, Црна Гора. Треба да се одиграат уште првенството на Северна Америка и Кариби (26 јуни до 1 јули) во Мексико и првенството на Африка (11 до 18 јули) во Египет. Пласман во следната фаза ќе обезбедат најдобрите три репрезентации од секоја од осумте групи во кои има по четири селекции, кои потоа вкрстуваат со три репрезентации од друга група. Досега пласман на СП од Европа обезбедија Португалија, Црна Гора, Унгарија, Хрватска, Исланд, Србија, Германија и Белгија.
БАРАБАН 1: Данска, Шведска, Норвешка, Франција, Шпанија, Исланд, Германија, Африка 1
БАРАБАН 2: Хрватска, Катар, Белгија, Португалија, Бразил, Црна Гора, Полска, Македонија
БАРАБАН 3: Србија, Унгарија, Аргентина, Бахреин, Саудиска Арабија, Африка 2, Чиле, Африка 3
БАРАБАН 4: Уругвај, Африка 4, Африка 5, Иран, Јужна Кореја, Северна Америка и Кариби 1, вајлд карта 1, вајлд карта 2


Градови домаќини и селекции од првиот барабан

Група А (Краков) – Шпанија
Група Б (Катовице) – Полска, Франција/Африка 1*
Група Ц (Гетеборг) – Шведска
Група Д (Јончепинг) – Исланд
Група Е (Катовице) – Германија
Група Ф (Краков) – Норвешка
Група Г (Кристијанстад) – Хрватска, Франција/Африка 1*
Група Х (Малме) – Данска

Македонија на СП
ГОД. ДРЖАВА МЕСТО
1999 Египет 18
2009 Хрватска 11
2013 Шпанија 14
2015 Катар 9
2017 Франција 15
2019 Данска/Германија 15
2021 Египет 23
2023 Полска/Шведска ?