Украинскиот претседател Владимир Зеленски даде интервју за емисијата „60 минути“ на американската телевизија „Си-би-ес“, што се емитуваше синоќа.
Зеленски рече дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во разговорите за ставање крај на војната, но на прашањето дали е подготвен да се откаже од кој било дел од Украина за мир, тој рече дека „не е подготвен да се откаже од својата земја“.
Тој исто така рече дека никогаш нема да го признае Крим како руска територија и покрај тоа што полуостровот беше анектиран од Русија во 2014 година.
Зеленски рече дека Украинците го бранат правото на живот.
– Никогаш не мислев дека ова право е толку скапо. Тоа се човечки вредности што Русија не може да избира што да правиме и како јас да ги искористам моите права. Тоа право ми го даде Бог и моите родители – рече Зеленски.
Украинскиот претседател изјави и дека е подготвен да го даде животот за својата земја.
– Не сакам да изигрувам херој. Го сакам моето семејство. Сакам да живеам уште многу години, но помеѓу бегството и да бидам со мојот народ, секако дека сум подготвен да го дадам животот за мојата земја – порача Зеленски.