(Заедничките работни групи меѓу заблудите и реалноста)
Не сум сосема сигурен за да тврдам, но се настојува сега, на почетокот на 21 век, овде на наш терен, да се случи историско раѓање на една нова, досега непозната, етничка заедница во Македонија. Политичкиот инженеринг, преку создавањето и конструирањето нов вештачки етнички идентитет на Балканот што го носи името – македонски Бугари, ја менува етничката карта на полуостровот и предизвикува повеќе неизвесност одошто сигурна иднина. Дали тие промени ќе бидат правилно сфатени во Македонија и во Бугарија допрва ќе се докажува. Ваквото сознание, најверојатно, ќе биде тема за која ќе се расправа во иднина, кога ќе се постави прашањето дали новата националност ќе биде признаена и запишана во Уставот на Северна Македонија, како што бараат бугарските официјални власти. Таква нација ќе постои само кај нас и никаде во светот.
Постои една стара поговорка што вели дека ако сакаш некој проблем да не се реши тогаш формирај некаква комисија. Комисијата знае да кочи, да влечка и развлекува, да раздолжува и растегнува, да потсопира или целосно да запира. На тој начин, преку тие методи, излез за позитивна разврска се бара во недоглед со прогноза дека нема да биде најден никогаш. Така некако би можело да се разбере и функционирањето на работните групи на македонската и бугарската влада, формирани по доаѓањето на двете нови влади, предводени од Кирил Петков во Бугарија и од Димитар Ковачевски во Македонија. Првичните позитивни оцени и лаврови венци што се плетат околу нив и дома и во европските бирократски кругови се само празни зборови што не носат, освен топол ветер, ништо конкретно. Тие служат за европските претставници да си ги оправдаат високите плати и дневници, а домашните политичари да фингираат некаков напредок и успех што би ги држеле на власт.
Би сакал да укажам на неколку мистификации што ја уриваат пропагираната нова идилична слика. Да ја земеме најнапред работната група за инфраструктура, транспорт и поврзување. Во фокусот на нејзиното внимание се пругата Скопје – Ќустендил, авиоврската Скопје – Софија и нешто друго од градителството и инфраструктурното поврзување.
Првин за возот, потоа за авионот. Пругата почна да се гради пред 30 години. Нема влада што не изјавила дека ќе биде готова во нејзино време. Вложени се досега стотина милиони евра, сите пари се изедени, од големите инвестиции се останати само подлокани столбови. Според објективните експерти, доколку утре почне да се гради линијата, тој воз може да тргне за најмалку десет години од денес. Иако насоката на Македонија е кон север, кон Европа, Коридор 10, фалбата дека пругата ќе ги поврзува Црно со Јадранско Море, Бургас со Драч, од денешна гледна точка е чиста фикција. Кичево е последната слепа железничка улица на тој коридор број 8. А кога ќе биде пуштен во сообраќај тој воз, ќе биде сто години зад јапонските и кинеските возови, зашто ќе вози максимум 80 – 120 километри на час, ако стигне до толку на тој терен. А од Скопје до Софија, на таа траса нема ниту еден голем град за да има патници.
А прашање е кој и зошто би се возел со него? Што велат македонските статистики за железничкиот сообраќај во Македонија? Велат дека е во колапс, како товарниот така и патничкиот. Состојбата на пругите од Скопје до Битола, до Гевгелија и до Кичево е повеќе од лоша, на некои делови крајно небезбедна, како технички така и од луѓе. Брзината на движење е од 50 до 80 километри. Од Скопје до Битола рамно четири саати. Да не спомнуваме дека железничарите секој втор месец штрајкуваат поради немање плати, кои се под секој минимум во однос на нивната одговорност.
Сега за авионот, за авиолинијата Софија – Скопје и обратно. Човек да се чуди зошто толкави таламбаси, сликања и прегратки, министерски средби, зошто толку меѓудржавни договори за нешто што е најнормално во светот, а и во Македонија. Дојде во Скопје „Туркиш ерлајн“, даде пари колку што му побараа, даде рушвет кому требаше да му даде и го купи аеродромот. Или го концесионира, сеедно. Ниту дојде Ердоган, ниту дојдоа министри, ниту решаваше некаква работна група. Дојде „Визер“, нискобуџетната авиокомпанија од Унгарија, плати колку треба, му даде некому мито колку што се договорија е ете – Скопје и Македонија се поврзаа со Европа, а преку неа и со светот. Не го видовме Орбан во Скопје за тој дил, иако Груевски, присилен на азил го гледаме во Будимпешта.
Слично е и со состојбите во градежништвото, во банкарството, во трговијата, во комуникациите, мобилната телефонија и интернетот, каде што главно владеат и управуваат немакедонски компании и финансиски институции. Речиси сите банки се во странски раце, турски „Лимак“ го гради половина Скопје, албански капитал е вложен во најголемите молови, а не може да не се спомнат грчко „Веро“ и турски „Рамстор“, господарите на трговската мрежа. Ако за нив своевремено решаваа комисии и работни групи уште ќе купувавме во маалските гранапчиња.
Низ работната група за образованието, културата, историјата, науката, за учебниците, младите и туризмот ќе се кршат копјата, а можеби и кичмите. Таа група ќе биде на голем испит, зашто низ тие ресори Бугарите сакаат да го протнат зајакот што ќе им го донесе морковот. Ако во другите сектори е речиси рамно поле, тука лежат темите што го потпалуваат и разгоруваат огнот, тие се рак-раната на македонско-бугарските односи. Таму има многу отворени во суштина ирационални прашања и состојби.
Нормален човек да се запраша: зар треба некаков меѓудржавен договор со потпис на Петков и на Ковачевски за да игра МНТ претстава во Софија или во Варна, или обратно, Националниот бугарски театар да игра во Скопје и во Битола. Треба ли министерски договор за размена на телевизиски серии и филмови? И без договор бугарски имало на македонските екрани, македонски немало на бугарските. Нема договор со Ердоган, но турските серии ги вжештуваат македонските ТВ-канали, српските се во мртва трка да ги стигнат.
Зар треба договор за објавување книги, литература, проза, поезија, наука, размена на сликари, учество во колонии? Па само писателот Бранко Цветковски, без државен договор, има разменето изданија на бугарски литерати во Македонија и на Македонци во Бугарија. И посети и размени на писатели. Славниот овенчан поет Љубомир Левчев беше големата птица за која немаше граници – беше драг и чест гостин во Македонија, со посети што официјални што кај многубројни пријатели. Зар треба билатерален или меѓународен договор Цеца и Лепа Брена да пеат во Прилеп како што пеат во Софија и во Варна, каде што собираат по сто илјади фанови. Овие работи, барем, немаат врска ниту со минатото, ниту со комунизмот, ниту со Тито или Тодор Живков. Кој сака што сака нека рече – Цеца и Брена ги одржуваат на високо ниво добрососедските односи на Балканот.
Што да се каже за туризмот, за спортот, за младите? Зар имаше некаков билатерален договор, чукан на сите тапани, што околу милион Македонци годишно влегуваа во Грција, далеку пред Македонија да го смени името? Дури и во годините на блокади, македонската инвазија кон грчките плажи на Егејско Море беше многубројна и несопирлива. Или, во обратна насока, илјадници Грци да купуваат во Битола и во Прилеп, да ги поправаат забите во Гевгелија или да се коцкаат во тамошните казина? Ниту некој им диктираше забрани, ниту, пак, дозволи за слободен влез – излез. Само со нормален документ, со пари во џеб и скопски патлиџани за на плажа на Халкидики.
Реалноста е поинаква од заблудите. Основниот проблем е во проблемот што Бугарите не го признаваат постоењето на македонскиот народ, на македонскиот јазик и неговото писмо, како и на македонската историја. Да не се занесуваме: нивните негирања, планови, стратегии и посакувани цели се цврсти и непоколебливи. Не може да си дозволат да прифатат дека некоја книга е напишана на македонски јазик, дека некоја претстава, серија или филм се игра на македонски јазик. Најновите условувања со вештачко создавање посебен народ (нација) – со име македонски Бугари и нивно вклучување во Уставот на Северна Македонија, се само дел од стратегијата за долгорочно разбивање на државата Македонија и нејзиното постоење. Работните групи се само експерименталните глувци што се држат во лабораторијата и на кои секојдневно им се инјектираат препарати за да преживеат.