Архива / Фото: МИА

За „Меѓународен сојуз“

Одлуката на судот за предметот „Меѓународен сојуз“ во кој првообвинет е Бојан Јовановски – Боки 13 ќе биде објавена на 7 април 2022 година, информираше денеска судијката Софче Гаврилова – Ефремова по завршните зборови на Јовановски, кој пак му предложи на судот да не му се суди по ликот и делото, туку по доказите.

-Од се досега изнесеното, неспорно се утврди дека кривичното дело не е сторено, бидејќи немало ни мотив ни идеја, единствено сме работеле да се оствари проектот. Му предлагам на судот одлуката да ја базира на докази и да се оттргне од шпекулации. Предлагам во целост да донесе ослободителна пресуда по обвенението и апелирам и молам на законита пресуда. Да не судат мојот лик и дело, да се судат доказите. Се чуствувам комплетно невин – истакна во завршните зборови Боки 13.

Тој се осврна и на обвинението за поранешната пратеничка од СДСМ Фросина Ременски, за која, како што рече, „Фросина и да сакала да ми помогне, била оневозможена од нејзините партиски алчни другари“.

Во текот излагањето на завршните зборови на Јовановски, судијката Гаврилова – Ефремова неколку пати го предупреди првообвинетиот да се придржува на завршните зборови кои се однесуваат на изнесените докази и, како што рече, ова е последен пат да го предупредува.

Јовановски, пренесува МИА, возврати дека се надева оти овие прекорувања од судијката се уште само денеска и ја замоли „да го изржи уште денес“.

Првото рочиште за овој предмет се одржа на 1 јули 2020 година. Според обвинителниот акт, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Адријан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски – Боки 13 и ги оштетиле со повеќе илјади евра.

Првообвинет во овој предмет е Бојан Јовановски – Боки 13, кој според обвинителниот акт е обвинет за кривичните дела „измама и перење пари”.

Обвинети во овој случај се и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на првообвинетиот Бојан Јовановски, и Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ. Обвинетата Ременски се товари за кривично дело „помагање во делото измама”, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари”, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари” и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје”. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз”.