Кралот вечерва објави: „Време е, нека почне Струмичкиот карневал“. И почна. По две години пауза Струмица повторно ја затресе карневалската треска.
Потече реката од маски исполнета со милион различни бои и карневалски креации. Први настапија струмичките мажуретки кои добро ја затоплија многубројната публика на плоштадот „Гоце Делчев“ и низ улиците на градот.
Во дефилето на карневалските групи учествуваа дваесетина домашни карневалски групи и три од Србија и Грција. Реката од маски само на момент запираше кога групите ги претставуваа своите кореографии пред жирито и публиката. Темите беа најразлични-од љубов, музика, годишни времиња, пчели, Мексиканци, пеперутки, мачки и многу други кои под ритмот на музиката имаа волшебен сјај.
– Нашата маска е „Месец на љубовта“, бидејќи знаеме дека мачките се нежни, сакаат љубов, внимание и затоа и ние сакаме да има љубов, мир и внимание во целиот свет, рече учесничка во оваа маска.
– Со нашата маска „Пчелин рај“ сакаме да докажеме дека маските се многу важни во природата и за човекот и луѓето треба да внимаваат да не ги уништуваат, изјави друг учесник.
Во дефилето најбројни беа масовните маски од основните и средните училиште. ОУ „Сандо Масев“ од Струмица се претстави со четири годишни времиња.
– Маските ни беа подготвени од пред две години и сега малку ги обновивме и се надеваме дека пандемијата ќе заврши и ќе има нови карневали. Ќе гостуваме и ќе ни гостуваат карневали од земјава и странство, рече наставник од ова училиште.
Ученици од Средното училиште „Киро Бурназ“ од Куманово се претставија со пеперутка.
– Пеперутките живеат само еден ден и затоа ја подаруваат сета радост и живот. Иако нивниот животе краток ни покажуваат како треба да се живее животот-весело, убаво и среќно, рече учесничка од училиштето „Киро Бурназ“ од Куманово.
Лесковачкиот карневал од Србија се претстави со „Карибски сон“.
– Маската претставува небо, сино море и сонце. Нам секогаш ни е драго да дојдеме на овој убав карневал и со нетрпение чекаме тука да се претставиме, рече претавничка од овој карневал, кои со музичката карневалска група од Кукуш и Солун, Грција, беа трите гостински групи на карневалот.
Најдобрите карневалски креации ги оценува жири комисија, а од годинава и публиката може преку онлајн гласање да гласа за една маска. За најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.
Пред почетокот на главниот карневалски настан-тргнувањето на карневалската поворка, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, организираше прием за претставници од карневалските групи и гостите, на кој присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор во државата, владини претставници и гости земјава и странство.
Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат утре, на празникот Прочка, кога се одржува традиционалниот детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.