Во неколку продолженија ќе објавиме стихови од писателот Саво Костадиновски, кој ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие стихови ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени
Водите македонски
Како светли бисери
преку денот светат,
и шаролик венец
по земјата плетат.
Водите македонски,
езерски и речни,
во песни ги сплетов –
да ми бидат вечни!
Вардар
Вардар е од Вруток
македонски дар,
за нашите реки
тој е голем цар!
Силно царско срце
од памтивек има,
сите речни води
во себе ги прима!
Па си тече, тече,
до Солуна града,
разбистрен и убав –
ко невеста млада!
Пастрмка риба
во неа плива,
под камен, трева –
опашка скрива.
Кај што се слева
Росочка Река,
искусен рибар
ја демне, чека!
Црн Дрим
-Црно име,
бистри води,
кажи Дриме,
кај се роди?
-Памти добро,
имај наум:
крај манастир
Свети Наум!
-Во езеро
води мијам,
во морето
слатко спијам!
Гарска Река
Полека, тивко,
од многу века,
бистро си тече
Гарска Река.
За авторот
Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, публицист, писател за деца и возрасни, препејувач.
Роден е во 1950 г., во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, живее на повеќе места на просторот на бивша Југославија. Од 1971 година живее и работи во Келн, Германија. Завршил средно техничко училиште во Белград и трет степен за технички инженер во Келн.
Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ од Матица на иселениците на Македонија, како и на награда од Сојузот на германските писатели.
Негови творби се објавувани во списанија за деца и возрасни во Македонија, а преведуван е на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Застапен е во антологии.
Меѓу другите, автор е на делата: „Лето во родниот крај“, „Кафез без птици“, „Децата на светот“, „Македонски знаменитости“, „Со татковината“, „Трите века“, биографски хронолошки роман за возрасни, книгата „На Македонија со љубов“ и многу други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, а на Сојузот на писателите на Германија од 1993 година.