Внатрешни извори од комисијата тврдат дека под влијание на двајца македонски членови на комисијата, кои, пак, биле под директно политичко влијание и притисок, имало отстапки за цар Самуил
Отстапките за цар Самуил биле од политички, а не од научно-историски карактер
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовани прашања што е основана со Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија требаше да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани. Мешаната комисија беше составена од експерти на одредени историски области, а нејзината работа требаше да биде заснована врз историско-научниот принцип, со што таа требаше да биде ослободена од политичките притисоци и стеги. Македонските членови на комисијата, врз основа на историските извори, документи и факти, требаше да дадат видувања за одредени историски личности и настани од минатото на македонскиот народ и Македонија, во форма на препораки до македонската влада.
Експертската комисија за историски и образовани прашања доби политичка димензија, почнувајќи со прашањето за цар Самуил
Основната поставка на експертската комисија за историски и образовани прашања е научното истражување, но нејзината работа помеѓу двата локални изборни круга доби политичка димензија. Во такви околности, професорот Ванчо Ѓорѓиев, сега веќе поранешен член на мешаната комисијата, ја напушти нејзината работа и посочи на низа елементи преку кои се практикувале политички притисоци.
Според него, македонските членови на комисијата работеле врз принципот на консензус, односно сите членови од македонска страна ги усогласувале ставовите пред да дискутираат или да испратат одредени предлози до бугарските колеги. Македонските членови биле во постојана комуникација и имале заеднички аргументиран став за одредени историски личности и настани. Но, според професорот Ванчо Ѓорѓиев, на 15-та редовна средба на комисијата биле нарушени договорените принципи, односно консензуалното донесување на одлуките.
Имено, како што вели Ѓорѓиев, на оваа средба, под влијание на двајца македонски членови на комисијата, имало отстапки за цар Самуил. Македонските членови на комисијата испратиле две пораки до бугарските колеги, а тие пораки биле причината за напуштање на работата на комисијата од страна на Ѓорѓиев. Според Ѓорѓиев, токму препораките од страна на македонските членови на комисијата до нивните бугарски колеги биле направени под политичка инструкција на висок функционер на Министерството за надворешни работи. Тоа бил преседанот и моментот кога беа прекршени македонските црвени линии.
На некој начин насилно. Имавме интензивна дебата и реков дека не се согласувам со тоа. Меѓутоа пораките беа разменети – вели Ѓорѓиев.
Проф. Ѓорѓиев: Функционер на Министерството за надворешни работи беше тука да дава инструкции!?
При мешаната комисија од страна на двете министерства има технички секретари, кои се грижат за организација на комисијата, кои немаат никакво учество во нејзината работата. За време на работата на комисијата, тој ден, внатре бил висок функционер на Министерството за надворешни работи. Човек кому не му е местото таму.
– На некој начин тој беше тука да дава инструкции – вели Ванчо Ѓорѓиев.
За пошироката политичка димензија и работата на комисијата, Ѓорѓиев вели дека токму тогаш, меѓу двата изборни круга, бил избран тајмингот за да ги прекрши македонските црвени линии, да отстапи од сето она што дотогаш било разговарано.
Тоа е лесно докажливо ако се разгледаат записниците една година наназад, како течеле, какви препораки сме нуделе. Од нашите отстапки, направени поради политичко влијание над македонскиот дел од комисијата во врска со прашањата за цар Самоил, беа прекршени основните принципи на работењето на комисијата, засновано врз историско-научниот принцип. Наедно, принципот дека комисијата требаше да биде ослободена од политичките притисоци и стеги исто така беше прекршен. Со тоа, работата на македонскиот дел од комисијата целосно беше компромитиран. Продолжувањето на работата по таков преседан би можело да оди само во корист на наша штета. А, секако, во корист на бугарските хегемони цели – вели професорот Ѓорѓиев.
Засега сѐ уште нема потврда од некои од членовите на комисијата ниту, пак, од Министерството за надворешни работи во врска со актуелните случувања поврзани со работењето на експертската комисија за историски и образовани прашања, која е основана со Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.