Индискиот Врховен суд денеска ја декриминализира прељубата, за што досега беше предвидена петгодишна затворска казна.
Индија законот го има преземено од британските колонијални власти, според кој следеше пет години затвор за секс со омажена жена без дозвола од нејзиниот сопруг.
– Ретроградно е прељубата да се смета за казниво дело. Покрај тоа, законот беше дискриминаторски кон жените бидејќи им го ускратуваше достоинството, правото на слободен избор, а исто така ги третираше како сопственост на мажите, се наведува во образложението на Врховниот суд на Индија.
Но, судиите нагласија дека прељубата останува легитимна причина за разводот.
Прељубата е забранета според шеријатскиот закон и често е казнива во исламските држави како Саудиска Арабија, Авганистан, Пакистан и Бангладеш, но и во Индонезија и на Тајван.
Исто така прељубата формално е противзаконска дури и во 21 американска сојузна држава, вклучително и во Њу Јорк, но на симболично ниво и законот не се спроведува во пракса.