Кога очигледно и во македонскиот државен врв нема единство по ова прашање, поточно едни продолжуваат да живеат со илузијата дека е можен договор со Бугарија, а други веќе се свестуваат дека европскиот сон можеби ќе остане неостварена желба, интелектуалната сфера во земјава го крева својот глас и повикува на обединување, обединување за одбрана на македонскиот јазик, идентитет, историја и култура, одбрана на она што единствено остана – македонизмот
Македонската држава ги живее можеби најдраматичните моменти во својата понова историја, кога поради некаква неизвесна европска иднина, буквално е исправена пред ризикот целосно да исчезне, а со неа и нејзиниот главен конститутивен народ, македонскиот.
Блокадата од страна на Бугарија на македонските евроинтеграции е само последното камче во мозаикот за бришење на Македонија и македонизмот, иницијатива зад која отворено застана бугарскиот претседател Румен Радев, политичар што претставува олицетворение на еден минат систем, чија главна цел беше бугаризација на Македонија и побугарчување на свеста на македонскиот народ.
Веќе и на врапчињата на гранка им е повеќе од јасно дека во последно време зад сцената нешто крупно се случува, бидејќи тоа може да се насети во воздухот, едноставно лебди како измаглица во студените зимски утра. Во неубедливите уверувања од страна на домашните политичари дека за идентитетот и јазикот не се преговара веќе никој не верува, бидејќи не постои човек во оваа земја што би поверувал дека е можен компромис со Бугарија без таа да се откаже од рамковна позиција и декларацијата на 44-то Народно собрание од октомври 2019 година, бидејќи во нив јасно е кажано што се мисли за македонскиот народ, неговиот јазик и неговата историја. Јасно и гласно.
Да бидеме искрени докрај, погрешно е да се обвинуваат Бугарите дека ни подготвуваат нешто зад грб, бидејќи тие точно и јасно кажуваат што сакаат, и тоа го прават со години, од времето на Живков до денес. Тоа неодамна уште еднаш го повторија во заклучоците од Консултативниот совет за национална безбедност. Ако ова некому не му е доволно да сфати дека Софија влегува во финална битка за обезличување на македонскиот народ, тогаш тој има сериозен проблем или, пак, лично не е засегнат од тоа.
А кога очигледно и во македонскиот државен врв нема единство по ова прашање, поточно едни продолжуваат да живеат со илузијата дека е можен договор со Бугарија, а други веќе се свестуваат дека европскиот сон можеби ќе остане неостварена желба, интелектуалната сфера во земјава го крева својот глас и повикува на обединување, обединување за одбрана на македонскиот јазик, идентитет, историја и култура, одбрана на она што единствено остана – македонизмот.
Група интелектуалци, академици, режисери, новинари, аналитичари, дипломати напишаа проглас до македонските граѓани, во кој повикаа на сенародно обединување токму во заштита на македонизмот и одбрана на татковината.
Прогласот е на истата линија на која „Нова Македонија“ од своето основање опстојува и ќе продолжи да опстојува и во иднина, секогаш во одбрана на македонскиот народ, јазик и држава. Токму тоа го порачува и прогласот на интелектуалците, патриоти соочени и загрижени од апсурдните барања на Бугарија за одблокирање на европскиот пат на земјата.
Она што е основно и во прогласот, но и генерално за нас како општество, тоа е обединувањето во насока на заштита на националните интереси. Тоа обединување околу македонизмот во никој случај не претставува закана кон некого, туку барање да се почитуваат правата што секој народ ги ужива во светот, да се самоидентификува како што се чувствува, да има право на сопствен јазик што ќе го именува како што сака, но и на своја историја од која ќе ги влече сопствените корени и ќе гради сопствените митови, исто онака како што секоја земја тоа го правела во процесот на сопственото создавање.
Повикот на интелектуалците е силен крик и израз на една длабока загриженост за иднината на Македонија и македонскиот народ, а сплотувањето, без оглед на политичката, етничката, верската или каква било друга определба, е можност да се застане цврсто и единствено во одбрана на националните интереси.
Пораката е упатена и до Европа, која наместо да застане во одбрана на европските вредности, застана во одбрана на геноцидни политики на негирање на еден народ, неговиот јазик, историја и култура.
Наместо истата таа Европа да се гордее со различностите, да посака да се слушне македонскиот јазик во Европскиот парламент и во Европската комисија, на банкнотата на еврото да се најде илустрација на „Тешкото“, младите Македонци да можат слободно да кажат кои се и од каде се, таа застана зад Бугарија. Токму така, оваа Европа е олицетворение на Бугарија. Никако поинаку не може да се сфати инсистирањето на Брисел за консензус меѓу двете земји за работи за кои ниту една друга држава не би преговарала.
Токму на оваа разединета и длабоко поделена и нефункционална Европа ѝ е потребен македонизмот, како еманципаторска и обединувачка идеја, како поле за културен натпревар меѓу народите, но и поле за политичка, економска, образовна, здравствена и секаква друга соработка меѓу европските народи.
Македонизмот никого не загрозил, туку тоа е последната надеж на еден мал и скромен народ околу што може да се обедини и да го бара своето место под сонцето, а затоа Бугарија сака да го искорени.
Гласот на интелектуалците е упатен посебно до домашните политичари, да не се дрзнуваат да се пазарат со највредното нешто на еден народ, неговиот идентитет и јазик. Ако и тоа исчезне, ќе исчезне и македонскиот народ, но ќе исчезне и Европа како ваква. Ниту функцијата премиер, претседател, министер не е поголема од македонизмот, а уште помалку некој има право да го загрозува и да го распродава највредното нешто за некаква европска несигурна иднина.
Истото тоа важи и за македонскиот јазик и историја, столбовите врз кои почива државата, но и со кои се идентификува секој Македонец и без кои не може да биде Македонец.
Македонија не може и не смее да прифати договор со кого било, со содржина што ќе предизвика длабока криза, а на идните генерации ќе им остави во наследство идентитетска девастација.
Овој повик за обединување е последна можност да се стави прстот на главата и да се постави клучното прашање: Каде одиме?
Природно, Македонија е дел од Европа и, несомнено, процесот на евроинтеграција треба да продолжи, но само врз основа на европските критериуми за членство, а не според бугарското толкување на тие критериуми. Ако не се прифати тоа, па може да се продолжи и без ЕУ. Светот ниту почнал ниту ќе заврши со ЕУ, така што и нашата приказна може да си биде само наша, македонска.
Македонското општество никогаш не било непријателски настроено кон бугарскиот народ, како ниту кон оние луѓе во Македонија што се чувствуваат како Бугари. Тука сите сме исти и сите можат да кажат кои се и како се чувствуваат. Во Бугарија тоа не може, иако е членка на ЕУ.
На крајот, ако ние тука внатре се сплотиме и изградиме подобро место за живеење, никој и нема да ја споменува Европа. Затоа и треба да се поздрават ваквите иницијативи, отворени писма и прогласи на интелектуалците, но и на сите луѓе што си ја сакаат својата земја. Треба да станат почести, можеби и секојдневни. Така и политичарите можеби ќе го слушнат гласот на народот и конечно ќе сфатат дека друга алтернатива, освен Македонија, нема.