РАКОМЕТ
Македонската машка репрезентација денеска со чартер-лет, кој го обезбеди Ракометната федерација на Македонија (РФМ), заминува на Европското првенство (ЕП), кое од четврток ќе се игра во Унгарија и во Словачка. Македонија е во групата А, во Дебрецин, а ривали ѝ се Словенија (в четврток, од 18 часот), Црна Гора (сабота, 18 ч.) и светскиот првак Данска (в понеделник, од 20.30 ч.).
Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза. Управниот одбор (УО) на РФМ донесе одлука да ги награди ракометарите на машката сениорска репрезентација со 50.000 евра за пласман во главната групна фаза на ЕП 2022. Македонија досега настапи на шест ЕП, а најдобриот пласман е остварен во 2012 година, кога на ЕП во Србија го освои петтото место. Вчера македонските репрезентативци и стручниот штаб требаше да го направат последниот задолжителен тест за ковид-19.
– На последните неколку тренинзи работевме на сите ситни детали од нашата игра. Ја консолидираме одбраната, а секако работевме и на нападот. Тактички и физички сме подготвени, ги анализиравме сите наши ривали. Подготвени сме за почетокот на ЕП. Што се однесува до ривалите, Словенија е селекција што има квалитетни играчи, кои играат главна улога во своите клубови во ЛШ. Исклучително силна репрезентација, можеби тие се фаворити, но ние секако дека се надеваме на позитивен резултат. Црна Гора, исто така, е квалитетна селекција, а тој дуел во второто коло ќе биде важен и за двете репрезентации, секако дека нема да ги потцениме. Данска е светски шампион и можеби фаворит и за европскиот трон. Ги изненадивме во Скопје во квалификациите за ова ЕП. Мора да веруваме во себе и овој пат – вели младиот репрезентативен среден бек Марко Мишевски (22).
Мини-анкета во пресрет на континенталното првенство
Во пресрет на ракометното Европско првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка, „Нова Македонија“ направи мини-анкета со неколку истакнати активни и поранешни спортисти и спортски стручњаци од повеќе спортови.
Ванчо Јовановски, ракометен стручњак: Ќе навиваме и сакаме Македонија да ја помине групата во која е заедно со Словенија, Црна Гора и светскиот првак Данска. Според мене, Данска ќе биде европски првак.
Владимир Глигоров, ракометен стручњак: Ова ЕП е различно во однос на претходните поради ситуацијата со ковид-19 и првпат репрезентациите ќе настапат со нереализирани подготовки и проблеми во составувањето на тимовите. Ако Македонија сака да оствари позитивен резултат, ќе мора многу да се фокусира во одбраната и да го забави нападот на Словенија и со тоа да го зголеми психолошкиот притисок кај нивните играчи. Очекувам неизвесен натпревар. Во однос на тоа кој ќе биде нов европски првак, мислам дека одговорот ќе го дадат Данска, Франција, Германија, Шведска.
Кочо Димитровски, поранешен истакнат фудбалер на Вардар: Можеме да поминеме во нашата група, ќе бидеме втори, а европски првак ќе биде Франција или Шпанија.
Андреј Магдевски, најдобриот македонски кошаркар за 2021 година: Верувам дека нашите ракометари ќе поминат во следниот круг, а на крајот ќе бидат околу 8-10 место. Бев во Белград во 2012 година и го следев натпреварот кога Македонија го освои петтото место, што е и најдобар пласман досега. Европски првак ќе биде Франција.
Стефче Алушовски, поранешен ракометар, а сега ракометен тренер: Доколку го добиеме првиот натпревар со Словенија, сигурно го поминуваме првиот круг. Ќе биде многу тешко со оглед на групата, но оваа репрезентација има квалитет да го направи тоа. Радува добрата форма на Кузмановски и Талевски, дополнето со искуството на Лазаров, Миркуловски, Стоилов, Митревски. Три фаворити за највисок пласман, нормално доколку ги одмине ковид-19, се Данска, Шпанија и Франција.
Петар Наумоски, поранешен прославен кошаркар: Искрено би сакал да го поминеме првиот круг и да продолжи ракометната еуфорија во нашата држава. Сметам дека тоа ќе биде многу тешко, имајќи ги предвид противниците во групата. Според мене, Данска или Франција се фаворити за златниот медал, но ситуацијата со ковидот може да донесе и изненадување.
Елена Ѓорѓиевска, македонска ракометна репрезентативка: Групата е тешка, но, сепак, верувам дека Македонија може да помине понатаму. Според мене, Данска ќе биде европски првак.
Горазд Михајлов, фудбалскиот тренер: Верувам дека ќе го поминеме првиот круг. Нема да биде лесно со Словенија и со Црна Гора, но тука ќе ја бараме шансата за второто место. Според мене, фаворит за титулата е Данска, ќе конкурираат Франција и Норвешка, но не смееме да ги заборавиме и Шпанците и Германците.
Трајко Недев, селектор на шаховската репрезентација на Македонија: Тешко ќе биде сега кога имаме промена на генерации, но верувам дека ќе се пласираме во втората фаза. Би било топ да бидеме меѓу првите 10. Германија или Франција ќе биде европски првак.
Ристо Магдинчев, ракометен стручњак: Да ја помине групата ќе биде многу тешко, но изводливо. Една победа и еден нерешен резултат би требало да се доволно за второ место во нашата група. Данска е убедлив фаворит за првото место.
Емил Павлов, најдобар македонски каратист: Ги следам речиси секој спорт во Македонија и сите спортисти. Знаеме дека во Македонија ракометот е еден од најпопуларните спортови, а јас сум голем навивач на ракометарите и со сето срце ќе навивам за нив да стигнат што е можно подалеку. Мислам дека Македонија ќе ја помине групната фаза и ќе се бори за еден за медалите. Им посакувам многу среќа и успешен настап, а сигурен сум дека ќе нѐ направат горди Mакедонци. Мислам дека Данска ќе биде шампион.
РАСПОРЕД
Македонија – Словенија четврток, 18 ч.
Македонија – Црна Гора сабота, 18 ч.
Македонија – Данска понеделник, 20.30 ч.