Тинејџерот Абдусаторов имаше спектакуларен турнир во кој победи некои од најсилните играчи во светот, меѓу кои и Карлсен, и стана најмлад светски првак во забрзан шах, со што му ја одзеде таа титула на Карлсен, светскиот шампион во класичен шах. Во женска конкуренција триумфира Костењук. Денеска ќе бидат познати и светските прваци во брз шах
Узбекистанскиот тинејџер, 17-годишниот велемјстор (ВМ) Нодирбек Абдусаторов (2.593 рејтинг-поени во забрзан шах, рангиран на 59-то место пред СП), е новиот и најмлад светски првак во историјата на забрзан шах, по триумфот на шампионатот што се одржа во Варшава, Полска. Со тоа, тој му ја одзеде титулата на неприкосновениот Норвежанец Магнус Карлсен (рејтинг 2.842), кој беше водечки по првите два дена. По три натпреварувачки дена и 13 кола, Абдусаторов освои 9,5 поени (седум победи, еден пораз и четири ремија) и беше прв меѓу четворицата што имаа исто толку поени, Русинот Јан Непомнијашчи (рејтинг 2.798), Карлсен и Американецот Фабијано Каруана (2.770).
Според пропозициите, се гледа тежината на противниците со кои играле четворицата, па само првите двајца можеа да играат тајбрејк од по две партии со забрзано темпо (три минути плус две секунди по секој потег по играч). Во тајбрејкот славеше Абдусаторов со 1,5-0,5 поен (ја доби втората партија).
– Огромен успех за мене. По победата над Карлсен, се фокусирав на преостанатите партии да одиграм уште подобро – рече новиот шампион во забрзан шах, кој е 132. во светот во класичен шах (рејтинг 2.633), а ВМ е од 2018 година.
Абдусаторов имаше спектакуларен турнир во кој победи
некои од најсилните играчи во светот, меѓу кои и Карлсен, кој направи голем превид иако имаше пешак повеќе во завршницата. Абдусаторов на СП 2019 во забрзан шах во Москва, тогаш 15-годишен, извлече реми во послаба позиција на меч со Карлсен. Со овој триумф Абдусаторов му ја одзеде на Карлсен титулата светски првак во забрзан шах и престижот да ги има сите три планетарни шаховски круни истовремено (во класичен, забрзан и во брз шах).
– Многу сум разочаран што немав шанса да играм тајбрејк. Мислам дека играчите треба да кажат нешто за овој многу лош систем. Според мене, секој тајбрејк-систем е добар ако биде праведен. Ако некој има право на тајбрејк, тогаш тоа треба да го имаат сите што имаа ист број поени, а не само првите двајца – изјави Карлсен, кој во последното коло испушти победа против Хикару Накамура, а со тоа и одбрана на титулата.
Кај шахистките светска првенка стана Русинката Александра Костењук (рејтинг 2.515). Во 2019 година светска првенка беше Индијката Химпи Конеру. Костењук, која во класичен шах беше светска шампионка (2008-2010), не загуби ниту една партија (седум победи и четири ремија). Среброто ѝ припадна на 17-годишната Бибисара Асаубајева од Казахстан (2.369), со 8,5 поени, а бронзата на ВМ од Русија Валентина Гунина (2.499) со осум поени.
Настанот во Варшава продолжи вчера со СП во брз шах (три минути плус две секунди по секој одигран потег по играч), во два дена, во 21 коло.