Проектот „Училиштата на градот Скопје со отворени врати за факултетите и универзитетите за промоција на нивните студиски програми“, кој се реализира во периодот од 15 март до 1 април годинава, предизвика голем интерес кај средношколците од 22 средни училишта во главниот град. За подобро да се запознаат со студиските програми на факултетите и на универзитетите, средношколците имаа можност во точно определен ден, без нарушување на наставата, да присуствуваат на презентации на програмите на овие образовни институции и непосредно да добијат одговори на прашањата што си ги поставуваат.
Во секое училиште програмите на факултетите и на универзитетите беа претставени пред околу 150 ученици во завршните години на средното образование. Овој проект го реализирал стручен тим од Секторот за образование на градот Скопје, средните училишта на градот Скопје со нивните стручни служби, класните раководители, дежурните вработени и другите административни работници, кои дале сериозна поддршка за спроведување на отворените денови. Од градот велат дека успешноста на овие отворени денови и големиот број заинтересирани ученици отвора можност ваквите активности да станат редовна практика во средните училишта во градот Скопје.