„Шаоми“ најави батерии со поголем капацитет
Компанијата „Шаоми“ преку социјалната мрежа Веибо најави нова технологија за батерии. Станува збор за технологија на која развивачкиот тим на „Шаоми“ работи долго време и треба да биде достапна идната година. Компанијата успеа да ја зголеми силиконската содржина во батеријата за трипати, а тоа резултира со поефикасен капацитет за складирање.
Истата големина на батеријата сега може да „собере“ 10 проценти повеќе милиампер-часа и може да понуди до 100 дополнителни минути работа со едно полнење. Променета е и технологијата на пакување, што дополнително ја зголемува ефикасноста. Модулот ПЦМ е поставен под агол од 90 степени и повеќе не лежи рамно, што резултира со заштеда на простор.
„Шаоми“, исто така, ја опреми новата батерија со чип што се потпира на напредни алгоритми, со што ги зголемува безбедноста и долговечноста на ќелијата, благодарение на следењето на полнењето прекуноќ. Овој чип спречува преполнување на батеријата, кога уредот е премногу долго поврзан со полначот. Има и одредена контрола на температурата, благодарение на дополнителните сензори, бидејќи литиумјонските батерии не ги „сакаат“ високите температури. Како новата технологија ја контролира температурата сѐ уште не е познато. Масовното производство на новите батерии на „Шаоми“ треба да започне во втората половина на идната година.