Фото: Архива

БАНКАРСКИОТ СЕКТОР И ФИНАНСИРАЊЕТО НА СТОПАНСТВОТО

Позитивните финансиски резултати на банкарскиот сектор се можност за дополнителна поддршка на стопанството, но несигурноста наметната од пандемијaта и проблемите што се надвиснаа над економијата овој период, ја кочат поддршката. Упатените во банкaрскиот сектор укажуваат дека домашните банки имаат можности за поголема поддршка на компаниите, а дополнително во таа насока е и референтната каматна стапка на Народната банка.
– Банките во Република Македонија располагаат со висок, па и растечки кредитен потенцијал, на што упатуваат последните податоци за растежот на депозитите на економските субјекти кај банките. Според тоа, пари за финансирање на стопанството има. Во прилог на можностите за финансирање на стопанството одат и височината на референтната каматна стапка на НБРМ и каматните стапки на банките, кои се движат во надолна линија. Тоа значи дека двата основни економски фактори за финансирање на стопанството се присутни во нашата земја – вели универзитетскиот професор Томе Неновски од „Американ колеџ“.
Неновски објаснува дека иако има услови за зголемена поддршка на стопанството, сепак, комерцијалните банки во земјава се внимателни при давањето кредити на претпријатијата, што делумно се должи на кризата наметната со пандемијата, но и неизвесноста што е присутна насекаде.

– Меѓутоа, банките се претпазливи при одобрувањето кредити на претпријатијата поради и натаму големата неизвесност околу излезот од актуелната здравствено-економска криза, која сега се подгрева и со појавата на нов вирус, за кој никој не знае кога, како и колку ќе се манифестира во одделните земји, а со тоа и врз нивните економии. Впрочем, неколкунеделното намалување на цената на суровата нафта на светските берзи е резултат точно на тој факт. Со неизвесност се соочуваат и претпријатијата, поради што тие се воздржуваат од поинтензивно позајмување пари од банките во услови на неизвесност, согледана во очекуваните нови соеви на ковид-19. Најпосле, банките се воздржани од поинтензивно кредитирање на претпријатијата поради нивните несигурни или недоволно сигурни и економско повратливи проекти во, особено, сегашните услови на стопанисување. Поради сето тоа, банките се насочени во најголем дел да одобруваат станбени и потрошувачки кредити на населението, каде што можноста за наплата на побарувањата е далеку посигурна и поизвесна отколку кај претпријатијата – објаснува Неновски.
Главниот извршен директор и претседател на управниот одбор на Шпаркасе банка Македонија, Глигор Бишев, посочува дека со спојувањето на двете банки сега се меѓу водечките банки во земјава, но наедно се посветени на поддршката на македонската економија.

– Нашата посветеност да ги разбираме и да ги опслужуваме клиентите ќе биде во фокусот на нашето работење. Ќе продолжиме да бидеме банка од доверба, која е препознатлив партнер на македонските економски субјекти. Ќе останеме хумана банка, која се грижи за вработените, за клиентите, за животната средина и за општеството. Заедно ќе ги дизајнираме проектите, ќе бидеме отворени за иновативни идеи и решенија, кои ја динамизираат македонската економија – изјави Бишев.
Европската инвестициска банка (ЕИБ) го објави есенското издание за 2021 година на својата анкета за банкарското кредитирање во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ), која покажува позитивна перспектива за банкарските системи, но со нагласок за долготрајни жаришта на несигурност и одредени надолни ризици.
– И покрај моќните ефекти на пандемијата, побарувачката за кредити се врати, а условите за понуда за финансирање почнаа полека да се олеснуваат. Побарувачката на заеми е силна кај домаќинствата, а исто така заживува и во сегментот на фиксни инвестиции на фирмите. Условите на понудите за кредитирање се олеснуваат, но повеќе за домаќинствата, отколку за бизнисите, додека условите сè уште се затегнати, особено за помалите компании. Анкетата покажува дека меѓународната и националната поддршка биле клучни за одржување на активностите на банкарските групи во регионот на ЦИЈИЕ, по првичниот остар и нагол застој генериран од шокот со ковид-19 во 2020 година – појаснува главната економистка на ЕИБ, Дебора Револтела.
Од ЕИБ посочуваат дека дури 40 отсто од банкарските групи што работат во регионот имаат намера да ги прошират своите операции. Сепак, додаваат дека пристапот до банкарско финансирање сè уште не им се олеснува на фирмите. Анкетата покажала дека околу 60 отсто од анкетираните банкарски групи имаат намера да ги задржат своите операции во ЦИЈИЕ, додека 40 проценти да ги прошират.