ФУДБАЛ
Ериксен тренира играњето неизвесно!

Кристијан Ериксен (29), играчот од средниот ред на Интер и на Данска, започна со тренинзи во поранешниот матичен клуб Одензе, по срцевиот удар што го претрпе летово на Европското првенство (ЕП) на теренот, на натпреварот против Финска.
Ериксен играше за Одензе пред да му се приклучи на Ајакс во 2008 година. Оттаму се пресели во Тотенхем во 2013 година и играше во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во 2019 година против Ливерпул, а потоа лани замина во Интер.
Италијанските медицински власти не му дозволуваат на Ериксен да игра во Серија А, поради правилото што забранува употреба на апарат за кардиовертер дефибрилатор (ИЦД) што му е вграден, соопшти Интер во октомври. Шампионот во Серија А објави дека ќе му дозволи на Ериксен да си замине од клубот. Не е јасно дали и други држави би му дозволиле на Ериксен да настапува во нивните лиги со вграден ИЦД-уред. Л.Д.


Во финалето во Мадрид, тие ја совладаа Хрватска со 2-0

ТЕНИС – ДЕЈВИС-КУП
По третпат пехарот за Русија

Репрезентацијата на Русија ја совлада Хрватска во финалето на Дејвис-купот и по третпат во својата историја стигна до престижниот трофеј. Триумфот го најави Андреј Рубљов со победата над Борна Гојо со 2-0 во сетови (6-4,7-6), додека славењето само го потврди Данил Медведев, победувајќи го Марин Чилиќ со 2-0 во сетови (7-6, 6-2).
Вториот светски рекет Медведев го победи 30-от тенисер во светот за 89 минути игра, за потоа да започне големото славење. Претходно, Рубљов речиси со исто време славеше над Гојо.
Русите со две победи во поединечна конкуренција, всушност го одбегнаа дуелот против најдобриот светски двоец Никола Мектиќ/Мате Павиќ. Репрезентацијата на Русија претходно триумфира во Дејвис-купот во 2002 и 2006 година, додека Хрватска тоа го стори во 2005 и 2018 година. Титулата не ја одбрани Шпанија, која триумфира во 2019 година.
Во досегашната историја на ова натпреварување, најмногу пати славеле САД (32), а следуваат Австралија (28), Франција и Велика Британија со по 10 итн. Г.И.


ФУДБАЛ – СЕРИЈА А
Алегри е на 25 победи од рекордот на Анчелоти

Јувентус ја победи Џенова со 2-0 и се искачи на петтото место во Серија А со 27 бода, седум помалку од Аталанта, која е на четвртата позиција. Хуан Квадрадо го постигна првиот гол за „старата дама“ директно од корнер, осми таков гол во Серија А од 2010 година, но и втор минатиот викенд, по оној на Хакан Чаланоглу за Интер против Рома, 3-0.
За тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, тоа беше 250-та победа во Серија А, вториот во ерата на фудбалот со три бода за победа, кој стигнал до 250 победи во лигата, по Карло Анчелоти, кој има забележано 275, од кои 150 на клупата на Јувентус. Ова беше петта победа на Јувентус на последните шест натпревари во сите натпреварувања. Л.Д.