Од почетокот на ланската сезона па досега, напаѓачите на двата тима постигнаа 199 гола, најмногу Салах (46), па Кавани (43), Нејмар (32), Фирмино (29), Мбапе (25) и Мане (24), а во меѓусебниот дуел во вторникот победи Ливерпул со 3-2, во 1-то коло на ЛШ

Ливерпул оствари заслужена победа над Пари сен Жермен со 3-2 (стрелци Стариџ 30, Милнер 36 од пенал, Фирмино 90+1 – Муниер 40, Мбапе 83) во првото коло од групата Ц во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) во фантастична атмосфера на стадионот „Енфилд“ против тимот што менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп го оквалификува како „создаден за освојување на ЛШ“. Ливерпул освои важни три бода со што ја продолжи и серијата непобедливост пред своите навивачи на 16 меча (последниот пораз го доживеа од Реал во 2014-та). На „Енфилд“ беа постигнати пет гола што е добра најава дека овие два тима се способни да ја повторат ланската кампања кога во групната фаза натпревари Ливерпул постигна рекордни 29 (шест во претквалификациите), а ПСЖ 25 гола.

Пред мечот најмногу внимание, се покажа со право, им беше посветено на напаѓачките тројки на двата тима што фудбалските стручњаци ги сметаат за најдобри на светот. Станува збор за Садио Мане, Момахед Салах и Роберто Фирмино (влезе во игра во 72-та минута наместо Даниел Стариџ) од Ливерпул и за Нејмар, Килијан Мбапе и Единсон Кавани од ПСЖ. Мбапе го постигна вториот гол за ПСЖ и е еден од деветтемина фудбалери на возраст под 21 година што постигнува барем еден гол три сезони едноподруго во ова натпреварување. Но, сепак, главен во „шоуто“ на „Енфилд“ беше Фирмино, кој го одлучи победникот постигнувајќи го третиот гол за Ливерпул во судиското продолжение. Од почетокот на минатата сезона Ливерпул постигна 47 гола во ЛШ.

Двата тима имаат многу квалитетни фудбалери, ПСЖ ги има најскапите напаѓачи, Нејмар и Мбапе, а Ливерпул најскапиот одбранбен играч и вториот најскап голман, Вирџил ван Дајк, односно Алисон Бекер.
Мане, Салах и Фирмино во ланската кампања во ЛШ во која Ливерпул стигна до финалето во Киев и загуби од Реал (1-3) постигнаа рекордни 30 гола, три повеќе од Лионел Меси, Луис Суарез и Нејмар за Барса во сезоната 2014/2015. Тројцата постигнаа по 10 гола, плус 12 асистенции заедно, вкупно 91 во сите натпреварувања. Нејмар, Мбапе и Кавани, пак, кои на фудбалскиот пазар вредат околу половина милијарда евра, постигнаа два гола помалку, 89. Вкупно од почетокот на ланската сезона досега, шестемина напаѓачи постигнаа 199 гола, најмногу Салах (46), потоа следуваат Кавани (43), Нејмар (32), Фирмино (29), Мбапе (25) и Мане (24).

Триото на Ливерпул лани во Премиер-лигата постигна 57 гола (Салах беше најефикасен со 32 погодока), а тројката на ПСЖ (Нејмар поради повреда не играше од февруари), во француската Ла лига застана на бројката од 60 гола (плус 17 во ЛШ).
Сезонава Ливерпул забележа шест победи на исто толку меча (пет во Премиер-лигата и еден во ЛШ) што е најдобар клупски почеток на сезоната по сезоната 1961/62. Овие резултати се најава дека „црвените“ ќе бидат сериозен кандидат за ново финале и за шеста титула првак на Европа, но и за освојување на 19-та титула првак на Англија, прва по 1990 година. 


Меси е на три „екипи“ до рекордот на Раул

„Генијалецот“ Лионел Меси постигна три гола за Барселона на мечот против ПСВ Ајндховен (4-0) во 1-то коло од фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), што беше рекорден осми хет-трик (еден повеќе од Кристијано Роналдо) во ЛШ, вкупно 48-ми за него во кариерата (42 за Барселона и шест за Аргентина).
Меси има 104 гола во ЛШ (води Кристијано Роналдо со 121), во 14-те сезони едноподруго, со што се израмни со Шпанецот Раул, поранешниот напаѓач на Реал Мадрид. Со головите во вторникот Меси досега ги тресеше мрежите на 30 екипи во ЛШ, а поуспешни во оваа категорија се Раул со голови против 33, и Кристијано Роналдо против 32 тима.
За Барселона, која последната од петте европски титули ја освои во 2015 година, триумфот над ПСВ беше 25-ти (со две ремија) на последните 27 меча на стадионот „Ноу Камп“. Последниот пораз во ЛШ на домашен терен Барса го претрпе од Баерн (0-3) во 2013 година. Л.Д.