Пентагон ја ревидираше својата проценка за плановите на Кина да го зголеми својот арсенал на нуклеарно оружје во наредните години, наведувајќи дека Пекинг би можел да има 700 боеви глави до 2027 година, а можеби и 1.000 до 2030 година.
Иако тие бројки се значително помали од сегашниот американски нуклеарен капацитет, кој има 3.750 боеви глави, ова претставува голема промена во проценката на САД од минатата година, кога Пентагон предупреди дека Кина ќе има максимум 400 боеви глави до крајот на оваа деценија.
Во главниот годишен извештај, Пентагон ја повтори загриженоста за зголемениот притисок врз Тајван, кој Кина го смета за своја територија, како и за хемиската и биолошката програма на Кина и технолошкиот напредок.
Сепак, во извештајот на Пентагон се нагласува растечкиот кинески нуклеарен арсенал.
„Во текот на следната деценија, Кина има намера да ја модернизира, диверзифицира и зголеми својата нуклеарна моќ“, се вели во извештајот.
Се додава дека Кина започнала со изградба на најмалку три силоси за складирање на интерконтинентални балистички ракети.
Кина одговори дека нејзиниот арсенал е значително помал од оној на САД и на Русија и е подготвена за дијалог, но само доколку Вашингтон ги намали залихите на нуклеарно оружје на кинеско ниво.