Од Министерството за здравство (МЗ) наведуваат дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Од таму наведуваат дека на удар на четвртиот бран се младите, а причина за сѐ поголемиот број заразени меѓу оваа популација е ниската стапка на вакцинација.
– Меѓу последно евидентираните хоспитализиции и смртни случаи предизвикани од компликации на ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата предизвикан од делта мутацијата на вирусот. Ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, за жал, е причина сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која пак може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход – велат од министерството.
Од таму наведуваат дека недоволно високиот степен на имунизација, особено кај младата популација, е причина и за сè поголемиот број на хоспитализации во светски рамки.
– Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени – велат од МЗ.
Од Министерството посочуваат дека последните податоци од Израелската ЕКМО Асоцијација покажуваат дека сите хоспитализирани, критично болни пациенти кои се приклучени на апарат за животна поддршка во земјата се помлади од 60 години и без примена вакцина. ЕКМО технологијата (екстракорпорална мембранска оксигенација) во Израел се користи во особено критични случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата, а во моментниот, четврти бран на ковид-19, од вкупно 31 невакцинирано лице приклучено на ЕКМО апарат, петмина починале, сите под 60-годишна возраст.
Од друга страна, шест пациенти третирани со ЕКМО, кои ја надминуваат старосната граница од 60 години, а кај кои се евидентирани и други здравствени нарушувања, успешно се опоравиле од инфекцијата со ковид-19, бидејќи биле имунизирани четири до шест месеци пред хоспитализацијата.
Според претседателот на Асоцијацијата, Јигал Касиф, овие податоци се доказ дека невакцинираните пациенти страдаат од посериозни симптоми на ковид-19, а младата популација која не е вакцинирана е особено подложна на развивање тешки симптоми од делта варијантата на вирусот.
– Здравствените работници во светски рамки се едногласни дека масовното ширење на делта варијантата и големиот број на инфицирани можат да се стават под контрола, доколку процентот на вакцинирано население се зголеми, особено меѓу младата популација кадешто трансмисијата на вирусот е најголема. Вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата – се наведува во соопштението од МЗ.