Вистинска чест и задоволство е да се бранат боите на својата земја на европската и светската ракометна сцена. Жал ми е што не успеавме да обезбедиме настап на СП во Шпанија, но ќе дадеме сѐ од себе да прикажеме добра игра и забележителен настап на ЕП, на кое сме домаќини следната година, вели репрезентативниот бек од редовите на Металург, Милица Николиќ

ЛЕВИОТ БЕК МИЛИЦА НИКОЛИЌ ГО ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ СО РК МЕТАЛУРГ

Ќе дадам сѐ од себе Металург сезоната да ја заврши на врвот на табелата и повторно во Автокоманда да ги вратиме шампионската и куп-титулата. Верувам дека со заедничка посветена работа и максимална борбеност можеме да ја оствариме нашата поставена цел – вели левиот репрезентативен бек Милица Николиќ, која е една од четирите ракометарки што во пресрет на подготовките за новата натпреварувачка сезона ја продолжија верноста со женскиот ракометен клуб Металург.
Младата и талентирана репрезентативка Милица Николиќ (20) потекнува од ракометната школа на Металург, со која четири години во низа беше дел од шампионските екипи во пионерска, кадетска и младинска конкуренција, со кои има освоено шест титули. Николиќ три сезони беше дел од тимот на Вардар, со кој паралелно настапуваше и во младите категории и со кој во 2018 година ја освои титулата и беше прогласена за најдобар лев бек во кадетска конкуренција на завршниот турнир.
– Главниот виновник за тоа што јас сум денес ракометарка е мојата сестра Марија, која ме „зарази“ со спортот, кој од мојата деветгодишна возраст стана составен дел и смисла на мојот живот, а Автокоманда, пак, мојот втор дом. Ракометот е моја животна определба и на приватен план, бидејќи паралелно со тренинзите и натпреварите, во тој правец го насочив и образованието, се запишав на ракометната академија, а потоа и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје – вели Милица, која како дел од кадетската и младинската репрезентација учествуваше на кадетскиот ЕХФ-шампионатот од дивизија Б (2017), Медитеранските игри во Тарагона (2018) во квалификациите за Европското првенство (до 19 год.) во Словенија (2018), а беше дел и од сениорска репрезентација на Македонија што играше во квалификациите за Светското првенство (СП) во Јапонија (2019) и претквалификациите и баражот за СП во Шпанија (2021).

– Вистинска чест и задоволство е да се бранат боите на својата земја на европската и светската ракометна сцена. Жал ми е што не успеавме да обезбедиме настап на СП во Шпанија, но ќе дадеме сѐ од себе да прикажеме добра игра и забележителен настап на Европското првенство, на кое сме домаќини следната година – додава Николиќ, чиј идол и ракометен модел за напредок и усовршување е прославената црногорска репрезентативка Катерина Булатовиќ.
Освен во домашното првенство, Металург сезонава ќе настапи и во Купот на ЕХФ, каде што за противник во второто елиминациско коло ќе го има тимот на Дуделанж од Луксембург.
– Иако сѐ уште ја немаме анализирано играта на противникот, верувам во добар настап на мојот тим на европската сцена – смета Николиќ, која како и секоја амбициозна ракометарка се стреми да стане дел од некој од големите европски ракометни гиганти и да игра во најсилното клупско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ).