Категорични се водечките виролози
Делта-сојот е најбрзата, најиздржливата и најопасната верзија на коронавирусот со која е соочен светот, тврдат виролози и епидемиолози. Вакцините и понатаму нудат многу силна заштита во одбрана од тешки инфекции и хоспитализации предизвикани од која било верзија на коронавирусот, а оние кои се изложени на најголем ризик се сè уште невакцинираните, истакнуваат десет водечки експерти за ковид-19, а пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Главната грижа за делта варијантата, која за прв пат беше идентификувана во Индија, не е тоа што луѓето имаат потешки симптоми, туку дека многу полесно се шири од личност до личност, со што се зголемуваат бројот на инфекции и хоспитализации кај невакцинираните.
Постојат сè повеќе докази дека овој сој е способен да зарази сè поголем број на целосно вакцинирани лица, за разлика од претходните верзии, и постои загриженост дека тие можат да го шират вирусот понатаму, тврдат овие експерти.
– Најголемиот ризик за светот во моментот е делта варијантата – посочува микробиологот Шерон Пикок, кој ги предводи британските напори за секвенционирање на геномот на варијантите на коронавирусот, нарекувајќи го делта сојот најиздржлива и најбрза варијанта досега.
Експертите потсетуваат дека постојано се развиваат мутации на вирусите и се појавуваат нови варијанти кои понекогаш се поопасни од оригиналните.