Објавен е конкурсот за пријавување кандидати за реонски попишувачи и инструктори.
Конкурсот е достапен на веб-страницата „Попис2021.стат.гов.мк“, каде што е активна и апликацијата за електронско пријавување.
Државниот завод за статистика ги повика сите заинтересирани, како и сите оние што се пријавија на првиот повик во март годинава, да ја пополнат апликацијата и да станат дел од големиот пописен тим, кој во септември ќе го спроведе долгоочекуваниот попис на населението, домаќинствата и становите.
– Придонесот на секој од нас во пописните активности претставува придобивка за сите. И како директни учесници во спроведувањето на пописот и како даватели на податоци придонесуваме за креирање една прецизна слика на состојбите во државата во точно определен момент. Оваа прецизна слика ќе овозможи донесување издржани политики, базирани на најнови податоци, со кои ќе се планира развојот на секое поле од живеењето и работењето – велат од Државниот завод за статистика.
Конкурсот ќе трае до 5 август по што ќе следува тестирање, избор и обука на избраните кандидати.