Од творештвото на писателката Јадранка Клисарова
„На одмор, на одмор, во нашиот рај… на учењето му дојде крај“ – се слушаше весела детска песна во автобусот. Џагорот не стивнуваше, а сето тоа беше радост за крајот на учебната година и почетокот на заедничкиот одмор. Учениците од петто одделение сакаа да го крунисаат своето заедничко учење и дружење. Идејата за заедничко летување беше на поголем број деца, а се разбира нивните родители и наставничката со радост ја прифатија. Местото за летување го избраа самите ученици, тоа е нашиот бисер балкански – Охрид со Охридско Езеро. Децата седеа во автобусот и секој разговараше со своето другарче или во мислите правеше планови за дневните лудории на вода или за вечерните диско-забави, кои беа неминовни на заедничкиот одмор.
– Еве, погледнете ја Шар Планина! – некој викна и покажуваше со раката.
– Погледнете го Полог, нашата убава котлина, погледнете колку е богата! – дофрли друго момче од задните седишта. – Се наближуваме до селото Вруток – додаде наставничката.
– Да, да… не сме заборавиле. Таму е изворот на нашата кралица, на реката Вардар! – дополнија девојчињата.
„Еј Вардаре, македонски, ти ја красиш Македонија…“ – се разлеваше песна, на која ѝ се приклучија сите деца. Насмевката не се симнуваше од детските лица.
По долгото и забавно патување, пристигнаа во хотелот. Секое од децата сакаше соба со поглед кон езерото и да ја дели со своето другарче со кое веќе беше договорено. А наставничката ја избра собата што е најблиску до момчињата, таа знаеше кој може да прави забави во доцните часови од ноќта. Момчињата велеа дека таа нив повеќе ги сака, а девојчињата не можеа да се изнасмеат на нивната досетка.
Не поминаа ни триесетина минути, веќе сите беа подготвени за капење. Возбудливо потчукнуваа со нозете во место, ја чекаа „најглавната“, така ја нарекуваа наставничката. Кога се појави и таа во холот на хотелот, сите гласно извикаа: „Подготвени сме, можеме да одиме на езеро“, а таа само го стави прстот на уста: „Шшшшш… зар заборавивте, ова е јавно место? Ве молам бидете тивки“.
Сите се сложија и благо ги клатеа главите во знак на разбирање. Како мали војничиња се подредија во колона и правец кон езерото. Кога дојдоа до брегот, сите деца застанаа и со широко отворени очи ја впиваа езерската убавина.
Ветрето им ги галеше косичките и милите лица, а сите стоеја до водата и се огледуваа во неа. Понекое бранче ќе им го искривеше одразот во водата, а тие се смееја ли се смееја. Нивното љубопитство траеше само неколку минути, а потоа се нурнаа во бистрите езерски води, се прскаа, некои пливаа, а некои се обидуваа да запливаат.
Будното око на наставничката беше секогаш подготвено да даде знак за повлекување или смирување, само еден поглед, само едно движење на нејзината рака беа доволни секое дете да биде на безбедно.
Сите деца уживаа во водата, а таа „најглавната“ стоеше на брегот и со мил поглед ги следеше нивните игри и лудории. Децата посакаа да се спуштат неколкупати по големиот воден тобоган, се разбира секој ветуваше дека ќе внимава. Секое спуштање носеше големи радости, а детските извици се слушаа надалеку. Секој брзаше по скалилата, еднаш, двапати, трипати, а потоа веќе не ги броеја вештите спуштања.
Во еден миг само едно мало невнимание и во водата го снема Спире. Но, брзо и вешто наставничката за миг го крена на површината. Спире беше многу исплашен. На брегот се слушна голем аплауз за херојскиот подвиг. Момченцето, сакајќи да покаже колку е храбро, со брзање се искачи на тобоганот.
На радоста на децата ѝ немаше крај, а наставничката стоеше покрај нив и ги набљудуваше.
Со зајдисонцето се најавуваше и времето кога треба да се вратат во хотелот, да се подготват за вечера. Сите брзаа, се тушираа, а не заборавија ни да ги подготват најновите облеки за вечера, а и за забавата по неа. Вкусната храна ја изедоа со сласт, не го изоставија ни десертот. Додека го очекуваа почетокот на забавниот дел, девојчињата се договараа кои игри да ги играат, а момчињата срамежливо седеа на столчињата како заковани. Девојчињата ја покажаа својата храброст на дело и први ги поканија да танцуваат. Сите беа весели, се радуваа, се смееја, а наставничката се радуваше со нив. Хотелскиот часовник покажа 23 часот и само една крената рака го означи крајот на еден прекрасен ден.
Еден по еден, децата се прибраа во своите соби. Ноќта ја минаа сонувајќи за уште поубави мигови на заедничкиот одмор.
(Од книгата „Децата од моето училиште“)