НАЈМЛАД ФУДБАЛЕР НА ЕВРОПСКИТЕ ПРВЕНСТВА

Полскиот фудбалер играше на мечот со Шпанија на возраст од 17 години и 246 дена и го надмина за 103 дена рекордот на Белингам. Меѓу голманите двоен рекордер е Ирибар (ЕП 1964), најмлад стрелец е Волантен (ЕП 2004), најмлад фудбалер во финале е Санчес (ЕП 2016), најмлад стрелец во меч за титулата е Анастаси (ЕП 1968)…

Полјакот Каспер Козловски стана најмладиот фудбалер што настапил на меч на европско првенство (ЕП), на возраст од 17 години и 246 дена, на дуелот со Шпанија, во 2. коло на ЕП 2020. Младиот играч за врска на Полска, кој го замени Матеуш Клих во второто полувреме на мечот со Шпанија (1-1) го собори рекордот што пред само шест дена го постави Англичанецот, Џуд Белингам, кој настапи на возраст од 17 години и 349 дена.

Пред ова ЕП рекордите ги држеа Холанѓанецот Џетро Вилемс (18 години и 71 ден, на ЕП 2012) и Белгиецот Енцо Шифо (18 години и 115 дена, на ЕП во 1984 година).
Меѓу голманите рекордер е Шпанецот Хозе Анхел Ирибар (21 година и 108 дена, на ЕП 1964) иако имаше и помлади голмани од него во тимови на ЕП, како Икер Касилјас на ЕП 2000 и Игор Акинфеев на ЕП 2004. Но Ирибар го постави рекордот како најмлад чувар на мрежата во победата на Шпанија против Унгарија (2-1) на 17 јуни 1964 година. Четири дена подоцна тој стана најмладиот голман што триумфирал на ЕП, откако неговата репрезентација ја победи селекцијата на СССР со 2-1.

Од другите рекорди, најмлад играч што постигнал гол на ЕП е Швајцарецот Охан Волантен (18 години и 141 ден) против Франција (1-3) на 21 јуни 2004 година, најмлад фудбалер што играл во финале на ЕП е Португалецот Ренато Санчес (18 години и 328 дена) на ЕП 2016, против Франција (1-0), најмлад играч што постигнал гол во финале на ЕП е Пјетро Анастаси (20 години и 63 дена) во финалето против СФР Југославија во Рим во 1968 година. Тој стана познат и по тоа што беше најскапиот играч на светот кога му се приклучи на Јувентус од Варезе во 1968 година, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.