Американскиот дипломат кој имаше голема улога во склучувањето на Охридскиот договор од 2001 година, Џејмс Пердју, починал во средата на 77 години, објавија американски медиуми. Причината за смртта не е наведена.
Џејмс Пердју остави неизбришлив белег на Балканот – прво како дел од екипата на прославениот дипломат Ричард Холбрук, а потоа и како американски претставник за Македонија за време на воениот конфликт во 2001 година.
Во кризната 2001, Пердју, како претставник на САД, беше еден од двајцата меѓународни олеснувачи во постигнувањето на Рамковниот договор, заедно со Французинот, Франсоа Леотар, како претставник на ЕУ. Тој беше еден од архитектите да се осмислат уставните измени.
Македонското МНР денеска соопшти дека Пердју е на листата од 30 дипломати, на кои годинава, по повод 30 години македонска независност, ќе им биде доделено признание за заслуги во зацврстувањето на нашата самостојност, евро-атланска перспектива и мултикултурна кохезија.
Пердју во 2002 година стана амбасадор на САД во Бугарија, каде беше на служба три години.
Оваа година тој остро ја критикуваше бугарската блокада на Македонија.
„Националистите во Бугарија гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Македонија заврши“, изјави Пердју за „Дојче веле“ во јануари годинава.