Дуелот ПСЖ – Кил е избран за меч на колото, а ЕХФ ќе ги пренесува активностите на двата тима од заедничкиот појадок до завршувањето на мечот. Денеска играат и Фленсбург и Алборг, а сите полуфиналисти ќе бидат познати утре по средбите Веспрем – Нант и Барселона – Мешков

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Пред пет месеци, ракометарите на францускиот ПСЖ и германскиот Кил играа на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите (ЛШ) за 2020 година, по кој Кил четврти пат го крена победничкиот пехар, а Французите го освоија третото место. По денешниот реванш во четврт-финалето за сезонава (18.45 ч.), еден од нив ќе испадне од трката за годинашната титула европски првак. Фајналфор-турнирот е на 12 и на 13 јуни во Келн.
Актуелниот европски првак Кил минатата недела дома славеше со 31-29, а денеска ПСЖ ќе има шанса на својот терен да ја дополни негативата и да се обиде да остане во трка за својата прва европска титула. Дуелот е избран за меч на колото од Европската ракометна федерација (ЕХФ), а во текот на денот ЕХФ на својот инстаграм-профил ќе ги пренесува активностите на двата тима, сѐ од заедничкиот појадок, па до завршувањето на мечот. Денешниот дуел ќе биде 15-ти во нивната меѓусебна клупска историја во ЛШ, од кои осум завршиле со победа на Кил, а пет пати се радувале Французите.
Денеска на програмата е и реваншот помеѓу германскиот Фленсбург и данскиот Алборг (20.45 ч.), во кој Данците ќе влезат со предност од пет гола од првиот дуел (26-21). Утре се мечевите Веспрем – Нант (18.45 ч.) и Барселона – Мешков (20.45 ч.). Нант има предност од четири гола (32-28), колку што има и Барселона од првиот дуел на гости (33-29).


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

ДЕНЕСКА
ПСЖ – Кил 18.45 ч. (29-31)
Фленсбург – Алборг 20.45 ч. (21-26)
УТРЕ
Веспрем – Нант 18.45 ч. (28-32)
Барселона – Мешков 20.45 ч. (33-29)

во заградата се резултатите од првите мечеви