Фото: Маја Јаневска-Илиева

Екипите во сите реони низ јавните зелени површини тековно работат на средување на парковите и булеварското зеленило. Покрај редовните, тековни активности, како што се средување и чистење на зеленилото, негово кроење, полевање, прашење, собирање отпадоци и лист и утовар, би го напоменале веќе почнатото прво пролетно косење на тревниците низ градот, информираат од ЈП „Паркови и зеленило“

СТАРИТЕ САДНИЦИ СЕ ЗАМЕНУВААТ СО НОВИ, СЕ САДАТ ЦВЕЌИЊА И ЗЕЛЕНИЛО

ролетниот период секогаш значи најмногу работа за јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, бидејќи освен што се почнува со тековното одржување на постојните паркови, жардиниери и садници, одговорните за зеленилото исто така мора да ги одржуваат зелените површини, редовно косејќи и наводнувајќи го зеленилото.
Иако имаат работа и во зимскиот период, сепак таа е со намален интензитет поради тоа што во зимскиот период природата „спие“. Од активностите што вообичаено се реализираат во пролетните и летните периоди, во студениот период од годината освен што се садат садници на кои периодот на засадување им се есента и зимата, друга работа со голем интензитет нема.

ЗИМСКИОТ РАСАД ЌЕ СЕ ЗАМЕНИ СО 300 ИЛЈАДИ НОВИ САДНИЦИ

И од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ потврдуваат дека иако имаат работа во текот на целата година, сепак работата е поинтензивна во пролетниот и есенскиот период, кога зеленилото бара посебно одржување.
– Екипите во сите реони низ јавните зелени површини тековно работат на средување на парковите и булеварското зеленило. Покрај редовните, тековни активности, како што се средување и чистење на зеленилото, негово кроење, полевање, прашење, собирање отпадоци и лист и утовар, би го напоменале веќе почнатото прво пролетно косење на тревниците низ градот – информираат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека вработените во претпријатието изминатиот период ги дополнувале цветните леи низ градот со расад од видот виола, кои во зимскиот период, поради ниските температури, биле премрзнати и уништени.
– Беа насадени 200 илјади парчиња, а од наредниот месец зимскиот расад ќе биде заменет со нов летен расад од вкупно 300 илјади парчиња од видовите импатиенс, тагетес, бегонија, петунија, пеларгониум и други – велат оттаму.
Од „Паркови и зеленило“ додаваат дека во моментов се насочени кон подигање нови површини и реконструкција на дел од булеварското зеленило.
Се работи на реконструкција на средишната жардиниера на булеварот Александар Македонски и булеварот Гоце Делчев, со што се опфатени активности на целосно ново хортикултурно уредување, зазеленување со садење нови садници и инсталирање нов систем за наводнување.
Што се однесува до реконструкцијата на системите за наводнување, во моментов екипите на претпријатието интензивно работат на поставување нова хидрантска мрежа за полевање на тамошното зеленило.
– По завршувањето на градежните интервенции, ќе се реконструира зеленилото и ќе се посадат садници – велат градските власти.

ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА ЗЕЛЕНИЛОТО ВО ГРАДОТ

Како и секој пролет, така и оваа надлежните работат на разубавување на градот со засадување нови садници.
– Во однос на пролетното разубавување на зеленилото со нови садници, во тек е постапката за набавката на нови садници, кои во координација со Градот очекуваме да пристигнат по 25 мај, по што ќе следува уште едно поголемо садење на висока и ниска вегетација низ градското зеленило – велат од претпријатието.
Граѓаните велат дека се воодушевуваат на цветните декорации поставени насекаде низ градот, но нагласуваат дека голем проблем е кога несовесните граѓани ги крадат свежо засадените цвеќиња и дрвја.
– Не е првпат да се крадат садници, а нема да е ниту последен. За жал, секоја пролет постои овој проблем. Токму кога екипите на градот ќе уредат некоја зелена површина, ќе ја засадат со цвеќиња и со ниски декоративни дрвца, се наоѓаат несовесни што ќе украдат и ќе ги уништат посадените садници – вели Ангела Трајановска.

[email protected]