Средба Џафери-Мази
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска се сретна со главниот преговарач за пристапување на Албанија во ЕУ, Зеф Мази.
Претседателот Џафери ги нагласи одличните односи меѓу Македонија и Албанија, со интензивен политички дијалог и соработка на сите нивоа и се заложи за натамошно продлабочување на соработката во бројни области од заемен интерес. Тој се осврна на внатрешните состојби во земјава, како и посветеноста за надминување на децениските спорови со Грција и Бугарија, што придонесе Македонија да добие членство во НАТО и зелено светло од страна на Советот на Европската унија за отпочнување на преговори за членство во Европската унија. Претседателот Џафери се осврна на парламентарната дипломатија и улогата на Собранието во процесот на пристапување кон ЕУ, пред сè преку измените на законите и донесувањето на ново законодавство за реформските процеси.
Главниот преговарач Мази се осврна на пристапните процеси на Албанија кон ЕУ и истакна дека ги следи и вреднува резултатите на Македонија во процесот на европска интеграција. Тој ја нагласи виталната улога на парламентите во спроведувањето надзор над владините чекори во преговорите и градењето на државните позиции во текот на преговорите. Мази изрази надеж дека по конституирањето на Собранието на Албанија, ќе продолжи успешната соработка меѓу парламентите на двете земји, бидејќи таа го помага процесот на евроинтеграција.
Џафери и Мази се согласија дека Северна Македонија и Албанија споделуваат заеднички интереси на надворешно-политички план, во рамките на ЕУ и НАТО, регионалната соработка и посветеноста за сеопфатен развој на Западниот Балкан. За земјите од регионот не постои алтернатива, нивната иднина е во ЕУ. Процесот на проширување не треба постојано да се одложува и Унијата треба да понуди конкретни перспективи за европската интеграција, а пред сè, одржување на првите меѓувладини конференции за Република Северна Македонија и Република Албанија, со кои ќе го означиме формалниот старт на преговорите, се согласија двајцата соговорници.