Владата ги поддржува активностите за отстранување на бесправните градби на охридското крајбрежје кои ги изведува општина Охрид, со што ги потврдува своите заложби за посветено исполнување на препораките на УНЕСКО и за имплементацијата на „Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион“, известуваат владините служби.
Од таму додаваат дека Владата веќе има обезбедено средства во износ од шест милиони денари за отстранување на бесправните објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското езеро кои ја нарушуваат природната и културна автентичност на регионот.
– Активностите за отстранување ќе ги опфатат физичките или правните лица кои имаат добиено решение за отстранување на бесправно изграден објект и не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при инспекторатот на Општина Охрид. Со цел да се намалат штетите, да се избегнат дополнителни трошоци и да се забрза процесот на отстранување, Општина Охрид упати и апел до сопствениците на бесправни градби да постапат по решенијата за отстранување и сами да ги отстранат објектите – пишува во владиното соопштение.
Напоменуваат дека Владата во координација со Општина Охрид ќе продолжи да се залага за конечно воведување ред на охридското крајбрежје, кое долги години наназад беше узурпирано.
– Ја поддржуваме Општина Охрид да продолжи со активностите за отстранување на бесправните градби сѐ додека не бидат отстранети сите објекти кои ја загрозуваат животната средина и го деградираат уникатното заштитено подрачје на регионот – велат од Владата.