Во судница со капацитет од 1.000 лица и со големо обезбедување, во тек е едно од најголемите судења на мафијата во Италија во последните три децении. Во судењето, кое се одвива во Ламезија Терме, Калабрија, се вклучени 350 обвинети, 400 адвокати и 900 сведоци, пренесува британски „Телеграф“.
Кога Емануел Манкусо, припадникот на Ндрангета кој подоцна станал соработник на полицијата, бегал од законот, тој знаел точно каде да се обрати. Тој во текот на 20 дена добил прибежиште во црква во Никотера.
– Свештеникот секогаш беше подготвен да ѝ помогне на мафијата – изјави Манкусо за време на судењето.
Но, црквата е само еден столб на кој е изградена империјата на Ндрангета. Тие имаат огромна мрежа од адвокати, нотари, полицајци, сметководители и градоначалници. Секој што тие ќе посакаат да работи за нив, порано или подоцна станува нивен платеник.
Судењето, кое започна во јануари, е еден од најголемите судски процеси во Италија уште од судењето на Коза Ностра во 80-тите години на минатиот век.
Манкусо е клучен сведок во случајот. Тој ја отвори вратата кон мрачниот свет полн со одмазда, насилство и предавства, во кој босовите на мафијата се познати по прекари, како што се „Инженерот“, „Американецот“, „Тобако“ и „Текила“.
Случајот го води Никола Гратери, најпознатиот италијански обвинител за борба против мафијата, кој пораснал во Калабрија и како дете се дружел со децата на шефовите на Ндрангета.
– Манкусо е еден од неколкуте доушници кои имаат длабоко познавање за организацијата. Неговото сведочење може да има разорно дејство, кое може да резултира со распаѓање на моќта на семејството. Сепак, рано е да се каже со сигурност – изјави за „Телеграф“ Ана Серги, експерт за Ндрангета на универзитетот во Есекс, која и самата по потекло е од Калабрија.
Името на Ндрангета потекнува од грчкиот збор што значи „општество на чесни луѓе“. Тие почнале со киднапирања за откуп во 1970-тите и 1980-тите. Но, откако во 1992 година бил воведен закон кој целел против барањата за откуп, Ндрангета го насочила вниманието кон наркотиците, односно кокаинот. Се проценува дека Ндрангета годишно заработува 50 милијарди евра од трговијата со кокаин, откако воспостави монопол на увозот, поврзувајќи се со картелите од Мексико и од Колумбија.
Богатството потоа било инвестирано во легитимни бизниси. Тие еволуирале од киднапери и насилници во корпоративни и деловни луѓе.
– Сега тие се тивки, работат во сенките, и затоа се непробојни. Тие не рекетираат, не убиваат, не поставуваат веќе бомби. Не затоа што овие методи не се дел од нивната ДНК, туку се работи за стратегија – колку помалку се изложувате, толку повеќе ќе бидете игнорирани – објаснува Пјерникола Силвис, поранешен началник на полицијата кој со децении работел против мафијата.
Силвис додава дека, доколку „општество на чесни луѓе“ смета дека убивањето е навистина неопходно, тогаш тие го прават тоа тивко, односно преку ноќ луѓе исчезнуваат за подоцна нивните тела да бидат растворени во киселина.
Никој не очекува ова судење целосно да ја сруши Ндрангета. Но, тоа веројатно ќе ѝ нанесе огромна штета на криминалната организација на Италија, која разви глобални амбиции.