Перцепцијата на политичките елити кај нас во врска со непосредните средства на демократијата, како петициите и референдумите, е сосема поинаква во споредба со начинот на кој тие се доживуваат и имаат влијание во развиените демократии во светот, тврдат аналитичарите
МОЌТА НА ПЕТИЦИИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА НАСПРОТИ ОНАА ВО СВЕТОТ
За време на пандемијата многу од активностите се преселија на интернет, па, така и онлајн петициите како алатка за изразување одреден став или несогласување по некое прашање. Последен ваков случај беше регистриран неодамна кога на интернет, но и на социјалните мрежи беше публикувана петиција за спречување на изградбата на неколку висококатници спроти „Холидеј ин“ во строгиот центар на Скопје. За само еден ден повеќе од илјади граѓани ја потпишале петицијата, со која бараат реакција од надлежните власти. Претходно во март на интернет се појавија две онлајн петиции поврзани со Васил Гарванлиев: со едната се бараше тој да не ја претставува Македонија на годинашново издание на „Евровизија“ (Евросонг), а со другата се собираа потписи за негова поддршка. И во минатото имаше редица примери за онлајн петиции поврзани со крупни политички настани, еколошки проекти, одредени урбанистички или градежни решенија и сл.
Но кои и колкави се всушност моќта и употребната вредност или ефектот на петициите како алатка за менување одредени состојби во државата.
Исто како и да не постојат?!
Политиколозите и комуниколозите со кои се консултиравме велат дека петициите во Македонија како да немаат никаков ефект во политиката ниту пак се успева со овој механизам да се променат одредени државни политики, за кои граѓаните јавно искажале своја иницијатива или, пак, отворени несогласувања.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека кај нас петициите, односно резултатите од нив, како и да не постојат. Граѓаните очигледно сакаат да ги применуваат, но властите на сите нивоа, не само на актуелната туку од осамостојувањето до денес, како по некое непишано правило се оглушуваат на овој инструмент на непосредната демократија.
– Сѐ додека ние имаме политичари што се коруптивни, кои немаат никаков морал ниту етика во работа и кои дури не чувствуваат одговорност кон својот електорат, до тогаш петициите на нашиот народ ќе немаат никаков ефект – вели Пекевски.
Тој објаснува дека нашите политичари од сите влади досега единствено гледаат како подлабоко да ги вовлечат „рацете во медот“ на државните пари и тоа им е единствен мотив во работата.
– Политичарите се грижат за јавноста само кога ги гласаме на изборите, а кратко време потоа тие забораваат сѐ што им ветиле на граѓаните – вели Пекевски.
Слично размислува и политикологот Милан Стефаноски, кој констатира дека политичката култура во Македонија е далеку под нивото на онаа во развиените држави во светот.
– Петициите беа појдовна точка за менување на државните политики на земји како Франција, кои со години мака мачат со т.н. движење „Жолти елеци“, кое од јавна петиција прерасна во граѓанска непослушност и движење, а во себе има потенцијал да прерасне и во партија. За жал, во Македонија и на Балканот генерално овие јавни притисоци немаат ама баш никаков ефект врз политиката. Тоа е така бидејќи по крајот на петициите, кои иако не се исполниле, гласачите никогаш не ги казнуваат на избори партиите и дополнително поради фактот дека политичките елити сѐ уште не ги разбираат непосредните средства на демократијата како петициите и референдумите за сериозна алатка во нивната работа – заклучува Стефаноски.
Какви се светските искуства
За разлика од Македонија, во светот граѓанските петиции се разбираат сериозно од политичките естаблишменти на земјите каде што се поттикнати. Според анализата на Си-ен-ен, ефектите од овие граѓански незадоволства изразени преку петиции веднаш се применуваат во државните политички релјефи каде што се отвориле граѓански „пукнатини“ на незадоволство.
Влијателната американска телевизија набројува десетина примери каде што петициите имале најголемо влијание во политиката во изминативе години.
– „Црните животи вредат“, „Спасете ја амазонската шума“ се само едни од најбитните петиции што поттикнале политичка дискусија во САД и во светот – наведува Си-ен-ен.
Медиумот потсетува и за петиција во сојузната држава Мериленд каде што ученик во гимназијата „Сидни Хелфанд“ започнал петиција за заштита на животните, по која Конгресот во САД донесе и официјален закон што ги заштитува правата на животните во оваа земја.
Сличен е примерот, информира Си-ен-ен, и со петицијата позната како „Законот на Кајли“, во која во 2008 година Америка донесе закон за казнување на родителите што нема да пријават исчезнато дете во полиција.