Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.684 и има околу 230 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјата, со исклучок на главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 999 пациенти позитивни и суспектни на вирусот. Во Скопје бројот на ковид-пациенти е 685, од кои само во последните 24 часа биле хоспитализирани 103 лица. Голем дел од овие пациенти се на кислородна поддршка.
– Во болницата во Битола се хоспитализирани 112 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 86 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 46 пациенти, во Велес се лекуваат 97 лица, а во Куманово 96 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид се хоспитализирани 110 пациенти, во Прилеп – 138, во ковид-центарот во Гостивар – 43, а во Струга – 19 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 87 пациенти, во Кочани – 32, во Кичево – 28, во Кавадарци – 79, а во Гевгелија – 24 лица позитивни и суспектни на вирусот – се вели во соопштението на Министерството, од каде што додаваат дека бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти.
И во скопските болници бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 70 слободни места. Се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравени пациенти да се ослободат и дополнителни места. Во изминатите 24 часа дома биле пуштени 86 опоравени пациенти.