Основниот суд Куманово денеска ја објави пресудата во „случајот Алмир“ и првообвинетиот Бобан Илиќ го прогласи за виновен за тешки дела против безбедноста во сообраќајот и имотот и му одреди казна затвор од шест години.
Судот за виновен го прогласи и второбвинетиот Седат Алиу, таткото на Алмир, определувајќи му казна затвор од шест месеци. По девет месеци затвор, за сторено кривично дело насилство, добија трето и четвртообвинетите Сами Демири и Абдула Алиу.
По објавувањето на пресудата, адвокатот Асмир Алиспагиќ, во име на осудените за насилство, изјави дека ќе ја обжали пресудата на Судот.
Реагираше и член од семејството Алиу кој рече дека не е задоволен од пресудата за првообвинетиот Бобан Илиќ и најави пријави против Обвинителството во Куманово и судечкиот судија.
И адвокатот на првообвинетиот Стеван Павлевски рече дека не е задоволен од казната и најави жалба до повиската судска истанца.