Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, го посети Ценатрот за згрижување жртви на семејно насилство во Струмица.
– Таа се запозна со лицата жртви на семејно насилство, како и со дел од тимот што им ја дава неопходната помош – информираат од Кабинетот на претседателот.
Додаваат дека целта на посетата е да им се даде поддршка на жртвите на семејно и родово базирано насилство покажувајќи им дека сите заедно треба да работиме во подигање на свеста и унапредување на услугите за борба против насилството.
Од Центарот известуваат дека е забележано зголемување на бројот на случаи на семејно насилство поради пандемијата на Ковид-19 и поради рестриктивните мерки во однос на движењето и финансиските ограничувања.
Токму затоа, велат од таму, потребно е да се охрабрат жртвите на семејно и родово базирано насилство да го пријават и да ја добијат потребната заштита, како и згрижување и стручна советодавна помош за полесно справување со последиците од насилството.
Од Центарот информираат дека лицата жртви на семејно и родово базирано насилство, покрај згрижување, добиваат и заштита, психо-социјална помош и поддршка, третман за надминување на траумата, правно советување, вклучување во активните мерки за вработување со цел учество во пазарот на трудот и постигнување финансиска независност.
– Со овие активности им се овозможува за одреден период да бидат одвоени од средината во која се случило насилството, им се даваат услуги од стручната советодавна работа заради надминување на последиците од насилството и преку разновидни содржини се оспособуваат за разни социјални вештини – велат надлежните од Центарот.