Многу бизниси страдаа во текот на пандемиската 2020 година, но некои од нив функционираат и подобро отколку претходно. Најдобро поминаа снаодливите, кои имаа можност да се приспособат на новонастанатата ситуација и да создаваат трендови
И ПОКРАЈ ПАНДЕМИЈАТА
Тешко е да се зборува за успех остварен во 2020 година, во која светот зафатен од пандемијата западна во економска криза, оставајќи многумина без работа и со намалени приходи да се прашуваат како да врзат крај со крај. Но одредени луѓе, сепак, умешно се справија со сите предизвици и тешкотии и може да се каже дека имаа успешна година. Тоа не важи само за милијардерите што го зголемија своето богатство, туку и за професионалците чии квалификации им овозможија да работат и за време на пандемијата. Многу бизниси страдаа, но некои од нив функционираат и подобро отколку претходно. Најдобро поминаа снаодливите, кои имаа можност да се приспособат на новонастанатата ситуација и да создаваат трендови.
– Во секое зло има и нешто добро. Заработуваа ИТ-индустријата, фармацијата, бизнисите кај кои нема директен контакт, а страдаа туризмот, угостителите и оние кај кои има контакт. Но луѓето се снаодливи и брзо се приспособуваат, а најуспешни се оние што ги предвидуваат состојбите. За време на пандемијата се одржуваа и состаноци со користење на технологијата и на Зум. Еве, и јас сите плаќања ги вршам преку електронско банкарство. Животот продолжува, само што луѓето се приспособуваат. Отсекогаш било така. Кога бензинот поскапува, се наоѓа друг извор. Кога е најавено зголемување на данокот на одредени производи, луѓето ги купуваат пред да дојде до скок на цените. Единствената разлика е што ние досега не сме имале можност да се приспособуваме на пандемија, а доаѓаме во ситуација кога ефектите се исти за сите држави, и за Македонија и за која било друга држава. Тие што знаат да се приспособат и да создаваат трендови поминуваат најдобро, а други мора да копираат и да ги следат трендовите – објаснува универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров.
Пандемијата го откри потенцијалот за приспособување
Промените во функционирањето на бизнисите што ги наметна пандемијата би било корисно да се задржат во работењето и во постпандемискиот период, што ќе зависи и од преземените чекори на владите.
– Нема дилема дека пандемијата наметна потреба за приспособување на бизнисите, што кај одредени сектори е можно преку процесите на дигитализација и работа од дома, а кај други сектори е невозможно. Не може зграда да се изгради со работа од дома или тоа да се прави во фабриките што произведуваат конкретни физички производи. Пандемијата наметнува да се открие и разбере потенцијалот за приспособување на бизнисите во секторите каде што таквото приспособување е можно, а тие бизниси што ќе направат промени за брзо искористување на таквиот потенцијал ќе создадат предуслови за побрз среднорочен раст. Моето очекување е дека ваквите промени што се корисни треба да се вградат во работењето како практика и во постпандемискиот период, за што чекор треба да преземат и владите преку обезбедување соодветната околина, односно приспособување на законската рамка и инвестиции во дигитализација на јавните услуги. Во тој контекст, важни се промените во образованието и во здравството, два сектора што се непосредно поврзани со децата. Особено кај образованието, физичката беше заменета со виртуелна училница, а некои придобивки од тоа секако дека ќе останат како перманентни решенија, од кои, на крајот на краиштата, не треба воопшто да стравуваме, бидејќи побрзо ќе нѐ изложат на глобалните влијанија, глобалното знаење, полесен трансфер на ноу-хау – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Богатството на околу 2.200 светски милијардери се зголеми за 20 отсто
Извесно е дека во 2020 година најбогатите луѓе во светот станаа уште побогати. Колективното богатство на околу 2.200 светски милијардери се зголеми за 20 отсто заклучно со 11 декември, според процените на „Форбс“. Веројатно никој во светот немаше подобра година од извршниот директор на „Тесла моторс“, Илон Маск, кој стана „потежок“ за 120 милијарди долари, со што неговиот капитал сега се проценува на 147 милијарди долари. Маск на тој начин се проби на второто место на листата на најбогати луѓе во светот, зад Џеф Безос, чие богатство изнесува 185,2 милијарди долари, по растот на акциите на „Амазон“, кој профитира од зголемената потреба за купување преку интернет за време на пандемијата.
– Богатите отсекогаш станувале побогати. Тоа е истакнато и во книгата „Капиталот во 21 век“ на Томас Пикети, која излезе пред неколку години. Приходите доаѓаат од капиталот, а помалку од трудот. Трендовите се јасни. Богатите имаат диверзифицирано портфолио. За пример можеме да ги земеме и приходите на МИТ, каде што и најмоќните интелектуалци плаќаат скапи услуги за чување на имотите на универзитетот, односно плаќаат за услуги на знаење. Умешноста се состои во предвидувањето на ризиците, а услугите доминираат. Терцијалниот сектор е заслужен за 65-75 отсто од БДП, а уделот на примарниот сектор опадна на еден отсто – истакна Шукаров.
И квалитетот на животот претрпе промени
Професионалниот успех во 2020 година може да се вреднува и според постигнатиот квалитет на живот, а не само според заработката. Многумина што работеа од дома и на тој начин обезбедија стабилен приход, уживаа во новостекнатата слобода надвор од канцелариската средина, односно во работните денови со помалку стрес. Тие ја користеа паузата во однос на нивниот вообичаен работен распоред за да имаат поисполнет приватен живот и поинаку да го организираат секојдневното функционирање, како и времето поминато со нивните најблиски. Вакви привилегии имаа професионалните кадри со факултетско образование чии обврски можеа да бидат извршувани од дома. Луѓето со вакви квалификации поретко се соочија со губење на работата, а оние што останаа без професионален ангажман полесно најдоа нова работа, според истражувања што ги објави „Њујорк тајмс“.
– Според она што прелиминарно го знаеме од анкетата за работната сила, работата од дома главно била можна кај повисококвалификуваните работници, што е за очекување, бидејќи тие обично работат на работни места што бараат повисок сет на вештини. Истовремено, повеќето од изгубените работни места во текот на пандемијата се од работници што имале пониски вештини, што е поврзано и со секторската дистрибуција на шокот од пандемијата, кој доминираше во секторите угостителство, транспорт, трговија, некои лични услуги и преработувачката индустрија, кои вообичаено вработуваат повеќе понискоквалификувани работници. Значи, имавме т.н. конфлуенца на ранливости: понискоквалификувани работници, чие здравје веројатно е и поранливо, работат во сектори што беа силно погодени, во кои веројатноста да се заразат беше поголема поради природата на работење и контактот со околината. Една уникатна карактеристика на оваа криза е што кај невработеноста нема големи промени, што на прв поглед е чудно, но ќе се разбере ако се погледне обемот од работната сила што се деактивирала, без оглед дали изгубила работа или била невработена, но активно барала работа пред пандемијата.
Значи, го имаме на сцена ефектот на обесхрабрен работник, кој е доминантен токму кај понискоквалификуваните работници. Меѓутоа, да немаме дилема дека притисокот на пазарот на трудот се зголеми, што генерално не е добра вест за кое било лице без работа. Но тој притисок повеќе ќе го чувствуваат лицата со помала акумулација на т.н. човечки капитал: образование, искуство, компетенции… Дополнително, под претпоставка дека пандемијата ќе ги забрза процесите на автоматизација и дигитализација, тогаш побарувачката за мануелен труд на среден рок ќе биде сѐ помала. Тоа е тенденција што на глобално ниво започна уште порано, но пандемијата ќе ја нагласи ургентната потреба владите да поттикнуваат создавање повисоки и компатибилни со трендовите вештини преку образовните системи – заклучува Петрески.
Надежите за ставање крај на пандемијата преку вакцинацијата, која почна да се спроведува на глобално ниво, ги поттикнаа и размислувањата за отворањето на економијата, како и за враќање на животот во нормала. Но се чини дека некои сосема добро живеат и во сегашната ситуација и можат помирно да го очекуваат денот кога светот ќе го победи коронавирусот, во надеж дека би можел да дојде веќе во 2021 година.