Организаторите на „Евровизија“ потврдија дека музичкото шоу дефинитивно ќе се одржи годинава. Но, доколку изведувачот не може да допатува во Ротердам или мора да оди во изолација кога ќе пристигне, ќе се користат претходно снимени настапи.
Шеесет и петтото музичко шоу „Евровизија“ требаше да се одржи минатата година од 12 до 16 мај во Ротердам, но беше откажана поради пандемијата на ковид-19. Македонски претставник требаше да биде Васил Гарванлиев со песната „Ти“.
Телевизиите ќе мора да се придржуваат до строго определени правила за тоа како ќе се снимаат тие настапи, „со цел да се овозможи фер натпреварување“, пренесува Би-би-си.
„Изведбата ќе мора да се сними во живо, без да се коригираат вокалите или кој било дел од настапот после снимањето“, гласи едно од новите правила.
„Евровизија“ е закажана за 22 мај. Песните што требаше да се изведат лани нема да можат да се натпреваруваат, но голем број држави потврдиле дека ќе го испратат истиот избран изведувач.