На аголот помеѓу булеварот Илинден и улицата Никола Тесла, до гимназијата „Орце Николов“, редизајнирана е зелената површина и целосно е уреден првиот сквер во согласност со потребите на граѓаните за одмор, релаксација, дружење и сл. Целиот простор е облагороден со различни видови листопадни и зимзелени садници. Во едниот дел од скверот е оформено детско катче со различни реквизити за игра, а во другиот дел се формирани патеки, поставени се клупи и маси, чешмичка за вода, паркинг за велосипеди и ново осветлување.
Покрај редизајнот на зелената површина на оваа локација годинава во тек е редизајн на уште три од овие локации, една кај поликлиниката „Идадија“ во Општина Центар и две на булеварот Јане Сандански во Аеродром.
– Овде имавме релативно запуштен тревник, а сега можете да видите дека е адаптиран и е едно пристојно место каде што имаме повеќе од 36 нови садници од шест различни вида. Во процесот на уредување беа вклучени и локалните жители, станува збор за население со претежно мали дечиња, меѓутоа беа вклучени сите возрасни групи во анкетите – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Инклузивноста во овој процес подразбираше директно вклучување на граѓаните не само во изборот на локациите туку и во идентификување на нивните потреби на секоја од овие локации поединечно.
Вклучени беа различни возрасни групи на граѓани во процесот преку користење квалитативни и квантитативни методи – онлајн прашалници, теренски интервјуа, опсервација, фотодокументација. Се идентификуваа потребите на граѓаните што живеат на локациите, гравитираат или поминуваат низ нив. Дополнително се мапираа дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макрооколина, за подобро разбирање на постојниот социокултурен контекст.