Новиот кружен тек во Чаир на улицата Кемал Сејфула е раззеленет со 300 садници, а на улицата Втора македонска бригада е подигнат нов дрворед со над 200 висококвалитетни дрвја.
– Продолжуваме со зазеленувањето на парковите и подигнуваме нови дрвореди на градските улици и булевари. Есенското раззеленување се одвива секојдневно низ цело Скопје и вкупно ќе се засадат околу 15 илјади висококвалитетни садници што веднаш ќе се вклучат во екосистемот на нашиот град. Некогашните депонии сега ги претвораме во паркови, го обновуваме зеленилото на постојните паркови, а садиме ново и го обновуваме и постојното булеварско зеленило, па сами можеме да ја видиме разликата како изгледа во последните неколку години – рече градоначалникот Петре Шилегов.
Град Скопје, во согласност со новите стандарди на квалитет, продолжува со подигнување нови дрвореди составени од квалитетни дрвја со просечна висина од околу 5,5 метри, кои веднаш ќе се вклопат во екосистемот на главниот град, што е толку потребно за прочистување на воздухот. Есенското раззеленување на Скопје продолжува на голем број локации во сите скопски општини.