БИТОЛА

Годинашниот добитник на наградата за животно дело на Битола, Петар Георгиев-Калица, автор и композитор на песната „Ако одам во Битола“, во Градскиот парк во алејата на добитниците на наградата за животно дело на Општина Битола засади дрво на животот.
– За мене наградата за животно дело значи потврда за сѐ она што го работев во животот, за Битола, за чаршијата, за Широк сокак, за битолчани. Се заблагодарувам до своите сограѓани и Општина Битола за наградата и упатувам порака до младите она што го работаат да го работаат со љубов – изјави Петар Георгиев-Калица.
Тој за време на врачувањето на четвртоноемвриските награди беше во домашна изолација, откри дека ситуацијата со пандемијата го поттикнала да напише нови песни поврзани со коронавирусот и со Битола. Љубителите на музиката во Битола и пошироко ќе можат да ги слушнат новите песни откако ќе помине пандемијата и кога ќе бидат можни седенки по кафеаните.

– Годинава ми беше мене редот како добитник на годинашната четвртоноемвриска награда да посадам дрво на животот. Благодарност до Општина Битола што воспостави една ваква убава традиција и се надевам дека од година на година истата ќе се надградува и ќе биде потсетник за сите нас дека секој треба да даде придонес во изградбата на европска Битола – изјави Калица.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, посочи дека оваа награда е своевидна потврда за сѐ што годинашниот добитник работел, творел и создавал за сопствениот град.
– Трета година во низа засадуваме дрво на животот по повод четвртоноемвриската награда за животно дело. Во оваа пригода му честитам на добитникот Калица, кој со целокупното свое работење во изминатиот период остави неизбришлива трага во нашиот град. Убава традиција започнавме, која сигурно ќе се негува и во иднина, зашто на ваков начин оставаме траен белег и порака до идните генерации дека вредностите што се создаваат треба да се почитуваат – истакна Петровска.