Креациите од продажната изложба „Свесна мода“, која беше дел од тридневното поп-ап издание на „Модниот викенд“ во Скопје, се достапни онлајн на домашната платформа за уметност и дизајн „Скала“. „Размислувајте глобално, купувајте локално“ е слоганот што се провлекува низ оваа иницијатива.
– „Моден викенд“ во партнерска соработка со берлинската агенција „Онли а фју“ направи внимателна селекција и го прикажа најдоброто од одржливиот дизајн на 22-то издание на „Модниот викенд“, давајќи им максимална поддршка, како на истакнатите брендови така и на перспективните таленти што почитуваат еколошки, занаетчиски и етички принципи на работа. По нивната презентација на продажната изложба „Свесна мода“, некои од креациите завршија во рацете на задоволните купувачи.
Преостанатата богата понуда од повеќето домашни учесници, пак, сега е повторно достапна во новата е-продавница на македонската платформа за уметност и дизајн „Скала“ – информираат од „Модниот викенд“ во Скопје.
Имињата што се потпишуваат на креациите, кои поддржуваат свесна и одржлива мода, се: Ирина Тошева, Стефанија Насеска, Котев Ксенија, „Терезија Мувмент“, „Минимал“, „Седдум“, „Тесути Арт“, „Кренаре Ругова“, ПССБЛ, „Липа Керамикс“, „Сидес“ и „Саксија урбан пот“. Во текот на наредните месеци, дизајнерите најавуваат ексклузивни колекции.