Најавувајќи ја продажбата на државни компании и земјиште, премиерот Зоран Заев објасни дека со средствата добиени од продажбата ќе се намалат дупките во буџетот, предизвикани од здравствено-економската криза. Наедно, со пронаоѓањето инвеститор, интенцијата е државните компании-загубари да се преструктурираат и да се направат одржливи и профитабилни. Но каков навистина ќе биде ефектот од продажбата на овие компании и колку ќе ги направи тоа порентабилни со оглед на искуствата со претходните приватизации, се прашањата на кои упатените даваат различни одговори
По најавите за продажба на државни
компании и земјиште
Државните компании какви што се „Македонски железници“, „Македонски пошти“, „Еурокомпозит“, ТЕЦ „Неготино“…, Владата планира да ги продава, а во планот за отуѓување се и туристичките центри „Попова Шапка“ и „Ливадиште“. Најавувајќи ја продажбата на државни компании и земјиште уште при презентацијата на буџетот за следната година, премиерот Зоран Заев објасни дека со средствата добиени од продажбата ќе се намалат дупките во буџетот, предизвикани од здравствено-економската криза. Но каков навистина ќе биде ефектот од продажбата на овие компании и колку ќе ги направи тоа порентабилни со оглед на искуствата со претходните приватизации, се прашањата на кои упатените даваат различни одговори.
Поранешниот гувернер Петар Гошев смета дека државата треба да биде особено внимателна во одлуките за продажба на државни компании и воопшто на државниот имот.
– Во случајот со најавата за продажба на државни компании сметам дека не треба само да се гледа на прашањето колку би добиле од истата таа, туку многу поважно е кои сектори се корисни да бидат во приватна сопственост, а кои сектори едноставно мора да им припаѓаат на сите граѓани. На оваа тема мора да се размислува многу внимателно и пред да се донесат конкретни одлуки треба да се познаваат последиците. Концептот јавно-приватно партнерство е исто така замрсена шема и досегашното искуство вели дека се наметнуваат алчните интереси на приватниците и преку истата таа се испумпуваат даночни пари, наместо навистина да се во функција на општото добро. Ова се длабоко економски, идеолошки, политички прашања, кои бараат длабоко размислување.
Јас не сум за толку лесно отуѓување на она што треба да им припаѓа на сите граѓани. Иако оправданоста за продажбата се аргументира во претпоставената поголема ефикасност на приватниците, но кога би имало добри анализи, можеби би се дошло до заклучок дека општествениот интерес е оштетен. Она што по дефиниција треба да биде јавна услуга, да се приватизира е неразумно. Некои од порано продадените компании во јавна сопственост се продаваа со аргументација дека се нерентабилни, а всушност нерентабилноста беше произведена од многу очигледна корупција. Наместо да се гонат корумпираните менаџери и функционери во таа компанија, наместо да одговараат, се носи заклучок дека компанијата е нерентабилна и дека треба да биде продадена. Во случајот, на пример, на „Македонски пошти“ се работи токму за тоа и се користи таа аргументација. Не може поради корупција за компанија што е во јавна сопственост и која поради криминал е доведена во загуба да се тврди дека е нерентабилна и така произведената нерентабилност на истата таа да биде причина за продажба. Наместо да го гонат криминалот, тие одлучуваат да ја продадат фирмата и тоа на луѓе што можеби претходно се договарале да ја доведат во таа состојба – истакнува Гошев.
Што се однесува, пак, до продажбата на земјоделско земјиште, поранешниот професор од Факултетот за земјоделски науки во Штип, Илија Каров, посочува дека државата мора да зачува дел од атрактивните локации во своја сопственост, бидејќи истите тие се неопходни за исхрана на населението.
– Во минатото се правеа грешки, а како таков пример ќе го посочам Лозово, каде што од прекрасна голема површина, соодветна за обработка, завршивме со расцепкани мали парцели. Она што е целина, како ЗИК „Пелагонија“, како Овче Поле, треба да си останат големи блокови, бидејќи тие ја хранат Македонија. Државата може да ги продава парцелите што се веќе расцепкани и кои не можат да се обединат во една голема парцела. Овие парцели обично се даваат под концесија, но иако државата тежнее и презема мерки за окрупнување на земјиштето за формирање задруги, тој процес многу тешко се реализира и затоа сметам дека расцепканото земјиште што не може да се окрупни може да се распродава. Ако се продаваат големите парцели, земјиштето може да биде пренаменето во градежно и да почне откуп на атрактивни парцели што се покрај патишта или во близината на Скопје, едноставно може да се злоупотреби и да се пренамени, а не да се користи како земјоделско земјиште. Големите блокови треба да си останат во сопственост на државата и, евентуално, со јавно-приватно партнерство да се дадат на обработка, но и понатаму да се користат како земјоделско земјиште, бидејќи во нив има голем потенцијал – објаснува Каров.