Со корона-кризата се соочуваат сите сектори и фирми во регионот, кои се принудени да ги намалуваат инвестициите, соочени со поголема неликвидност и тешкотии во наплатата на побарувањата. Најдиректните последици од пандемијата на коронавирусот ги почувствуваа граѓаните, кои ќе се соочат со откази и намалување на семејните приходи
Земјите од регионот сѐ повеќе ги чувствуваат економските последици од пандемијата, која почна од почетокот на годинава. Со воведувањето на карантините и со ограничувањето на движењето на луѓето голем број мали и средни претпријатија беа принудени да ги намалат економските активности, а многу работници добија откази или се принудени да работат за помали плати. Како најизложени на корона-кризата се најдоа земјите што своите приходи во најголем дел ги остваруваат од туризмот. Најизложени на економското цунами, кое ја предизвика пандемијата, се и граѓаните од средната класа, кои со губењето на работните места се принудени да се пријавуваат во народните кујни што се отвораат во земјите од нашето поблиско опкружување.
Најголем пад во туристичкиот промет годинава, од балканските земји, забележи Црна Гора, со намален број на странски гости од 85 отсто, во споредба со претходната година. Најдобро помина Хрватска, која за време на летната сезона водеше „полиберална“ здравствена политика во однос на влезот во земјата, со надеж да ја одржи туристичката сезона на повисоко ниво. Гледано на ниво на Европа, во првите осум месеци годинава имаше 68 отсто помалку меѓународни туристи, за разлика од 2019 година. Процените се дека вкупниот туристички промет, поради епидемијата на коронавирусот, ќе биде намален за 60 отсто. Целосното заздравување на туристичкиот сектор не се очекува пред 2014 година, се наведува во новиот извештај на Европската комисија за патување.
Во Србија бројот на туристите е намален за 70 отсто, а во Македонија во првите девет месеци од годинава бројот на туристите е намален за 60,4 отсто. Земјава ја посетиле 83,8 отсто помалку странски гости во однос на периодот јануари – септември 2019 г., а пад има и кај домашните туристи за 20,7 проценти.
Според Државниот завод за статистика, бројот на ноќевањата во истиот споредбен период е намален за 46,3 отсто – кај домашните туристи за 14,1, а кај странските за 84 проценти.
Зависноста од туристичкиот сектор, во кој се затворени најголем број работни места од почетокот на епидемијата, ја наметнува потребата од наоѓање заедничко решение за сите европски земји, што би значело побрзо „локализирање“ на епидемијата и истовремено да се понуди финансиска помош за побрзо заздравување на овој сектор.
– Важно е да се врати довербата на патниците и да се заштитат милиони претпријатија и работни места. Брзото економско оздравување на Европа зависи од заздравувањето на туристичката дејност, која генерира околу десет отсто од бруто-домашниот производ на ЕУ и обезбедува повеќе од 22 илјади работни места – се нагласува во извештајот на Европската комисија.
Со корона-кризата се соочуваат сите сектори и фирми во регионот, кои се принудени да ги намалуваат инвестициите, соочени со поголема неликвидност и тешкотии во наплатата на побарувањата. Околу 40 отсто од малите и средните претпријатија во Србија навеле дека имаат намалени приходи од 30 до 70 отсто. Шест отсто од фирмите имаат и повисоки намалувања во месечните приходи.
– Во анкетата што беше спроведена, половина од претприемачите сметаат дека ќе им биде потребно повеќе од една година да излезат од кризата. Секоја четврта фирма извезува, а фирмите што главно работат само во Србија се ограничени да дејствуваат само во својот град или улица каде што е лоциран одреден правен субјект – вели Драгана Станојевиќ, директорка на УСАИД-проектот за соработка и економски развој, пренесува „Данас“.
Членот на националното друштво на економисти на Србија, Петар Ѓукиќ, вели дека намалената економска активност во земјата ќе се одрази и на приходите во државната каса и на зголемување на буџетскиот дефицит. Се проценува „дупката“ во државната каса да достигне до 8,8 отсто, што може да доведе и до макроекономска дестабилизација, а подоцна и за намалување на стапката на економски раст на земјата.
Најдиректните последици од пандемијата на коронавирусот ги почувствуваа граѓаните, кои ќе се соочат со откази и со намалување на семејните приходи. Весникот „Аваз“ пишува дека има сѐ поголем број корисници на народните кујни низ Босна и Херцеговина. Во редовите пред народните кујни има различни категории луѓе: стари и изнемоштени лица, но и од помлада возраст и од различни образовни групи.
– Бројот на корисниците се зголеми, но имаме и повеќе храна во кујните во Сараево. Проблем е како да им се достави на старите лица што не смеат да се движат поради коронавирусот. Со мобилни тимови им доставуваме храна до нивните домови – вели Зилха Шеха, која помага во кујната од која се хранат 700 граѓани на Сараево.
Во кујната во Мостар секојдневно подигаат оброци околу 348 корисници. Меѓу нив има пензионери, невработени, занаетчии, инженери и просветни работници. Секретарот на Црвениот крст за Мостар, Ален Кајтаз, вели дека секојдневно добива нови повици за помош на гладните граѓани.
– Има сѐ повеќе луѓе што останале без работа и сега не би требало да се применува критериумот за тоа кој е способен за работа – појаснува Кајтаз.
На влошување на социјалната слика на населението посочуваат и од организацијата „Каритас“, која работи во Бањалучката епархија.
Македонска влада го донесе третиот кризен пакет за фирмите, а со намера за задржување на постојните работни места. Со оваа субвенција од третиот пакет антикризни мерки ќе се финансираат 25 отсто од инвестицијата што овие фирми ќе ја направат од март 2020 до декември 2021 година. Вкупната најавена инвестиција на овие фирми е 89,2 милиони евра.