Секоја кашлица денес лесно ги загрижува луѓето, во однос на тоа дали е ковид-19 или обично прочистување на грлото. Вештачка интелигенција, наводно, може да открие случаи на ковид-19 со слушање на кашлицата, пренесува „Енгаџет“.
Истражувачите на „Институтот за технологија Масачусетс“ во Кемриџ, САД, развиле вештачка интелигенција што може да препознае кашлица од луѓето кои се со ковид-19, дури и ако се асимптоматски случаи. Технологијата може да разликува суптилни промени, индикативни за ефектите на коронавирусот.
Во почетните тестирања се покажало дека ваквата вештачка интелигенција дава точни резултати. Тимот истражувачи ја тестирал технологијата на десетици илјади лица со потврден случај на ковид-19 преку нивната кашлица. Технологијата препознала 98,5 проценти од кашлиците кај лица со потврден случај на ковид-19, а 100 проценти кај лицата што наводно биле асимптоматски.
Оваа технологија не е наменета за дијагностицирање на лица со симптоми бидејќи тие можат да имаат други состојби што предизвикуваат слично однесување. Затоа постојат ограничувања за нејзината примена.
Истражувачите сега развиваат и апликација која може да биде алатка за прелиминарна заштита од вирусот. Корисниците треба да кашлаат во телефонот на кој ја имаат инсталирано апликацијата за наводо да утврдат дали е безбедно да излезат надвор.