Дали Кремљ ќе се обиде да го задржи Доналд Трамп во Белата куќа како што обвинуваат некои? Дали Пекинг навистина навива за Џо Бајден? Овие прашања ги мачат разузнавачите и аналитичарите пред гласањето за претседател во ноември

Еден од водечките американски разузнавачи неодамна предупреди дека странските сили ќе користат „прикриени и отворени мерки за влијание“ врз американските гласачи на изборите, притоа посочувајќи ги Русија, Кина и Иран. Трите земји не треба да бидат сложни, бидејќи секоја, според американските разузнавачки служби, има своја цел и свои можности. Дури и самите процени се ставени под лупа. Еден свиркач неодамна тврдеше дека од него било побарано да ја минимизира заканата од Русија, зашто „така претседателот изгледал лошо“.

РУСИЈА

Што вели разузнавањето? Русија имаше главна улога на изборите во САД во 2016 година и по нив. Американските разузнавачки служби веруваат дека Русија се обидела да влијае врз гласањето во корист на Трамп, посочувајќи на состаноците меѓу неговиот тим и руските функционери, сајбер-нападите против претседателската кампања на Хилари Клинтон и демократите, нападите на базите на податоци за гласачите на сојузните држави и обидите да се шири лажна или партиска пропаганда на интернет.
Панел на Сенатот предводен од републиканците го поддржа ставот дека Русија сака да победи Трамп, заклучувајќи дека неговата кампања е лесна цел за странско влијание, но не обвини за криминален заговор.
Што се однесува до 2020 година, Хилари Клинтон може да се смени со Џо Бајден. Во својата процена, наменета да ја прочита американската јавност, шефот на Националниот центар за контраразузнавање и безбедност на САД, Вилијам Еванина, изјави оти Русија „користи низа мерки за да го оцрни бившиот потпретседател Бајден“.
Според мислењето на директорот на ФБИ, Кристофер Врај, Русија никогаш не престанала да се меша, нарекувајќи ги напорите на изборите за Конгресот во 2018 година „главна проба за големото шоу во 2020 година“.
Русија постојано негира дека се меша во странски избори. Портпарол на Кремљ ги нарече обвинувањата за мешање во избори „параноични тврдења што немаат никаква врска со вистината“.

Без оглед дали Русија сака втор мандат на Трамп, аналитичари велат оти таа има поширока цел да ги дестабилизира ривалите преку ширење конфузија. Документ од ЕУ тврди дека има руска кампања за ширење лажни вести за коронавирус, за да се отежни блокот да го координира својот одговор. За Русија, тврдењата се „неосновани“.
Што велат кандидатите? Бајден неодамна предупреди дека Русија ќе ја „плати цената“ ако продолжи да се меша, нарекувајќи ја земјата „противник“ на САД. Трамп често ги минимизираше обвинувањата за руско мешање, спротивно на разузнавачките оцени.
– Претседателот Путин вели дека не е Русија. Не гледам причина зошто би била – одговори Трамп на прашањето дали ѝ верува повеќе на американската разузнавачка заедница или на рускиот претседател, а подоцна рече оти лошо се изразил.

КИНА

Што вели разузнавањето? Истакнати функционери од администрацијата на Трамп тврдат дека Кина, а не Русија, е главна закана годинава.
– Ги видов разузнавачките податоци и затоа го заклучив тоа – изјави јавниот обвинител Вилијам Бар, по што демократот Адам Шиф, кој претседава со Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом на Конгресот, го обвини дека лаже.
Во својата процена, Еванина вели оти американските разузнавачки служби сметаат дека „Кина претпочита Трамп, кого го смета за непредвидлив, да не победи“.
– Кина ги проширува своите напори за влијание за обликување на политичката средина во САД, врши притисок врз политичарите за кои смета дека се против интересите на Кина и се спротивставува на критиките против Кина – вели тој.
Забележителна е употребата на зборот „влијание“. Иако Кина има сложени капацитети да влијае врз јавното мислење, според Евенина, нејасно е колку е подготвена да оди далеку со своето „агресивно однесување“. Намерата можеби е повеќе да го промовира светогледот на Кина. „Фејсбук“ неодамна затвори мрежа на профили поврзани со Кина, од кои повеќето ја поддржуваа кинеската држава, како што се нејзините интереси во Јужно Кинеско Море. Кина негираше мешање во внатрешните работи на другите земји, велејќи дека не е „заинтересирана или подготвена да го стори тоа“.
Што велат кандидатите? Трамп неодамна ретвитна статија со наслов „Се чини дека Кина го фаворизира Бајден на претседателските избори“.
– Секако дека го сакаат Бајден. Зедов милијарди долари од Кина и им ги дадов на земјоделците и на трезорот на САД. Кина ќе ги поседува САД ако на власт дојдат Бајден и Хантер – напиша Трамп, алудирајќи на синот на бившиот претседател.
Врските меѓу САД и Кина се на ниско ниво и двете земји имаат спорови за разни прашања, од коронавирусот до Хонгконг. Бајден се обиде да ги отфрли обвинувањата од Трамп дека е мек кон Кина, ветувајќи дека ќе биде „цврст“ во однос на човековите права и други прашања. Демократите тврдат дека Русија е најагресивна, барем кога се во прашање изборите.

ИРАН

Што вели разузнавањето? Еванина смета оти Техеран е против уште еден мандат за Трамп, зашто смета дека со тоа „ќе продолжат американскиот притисок врз Иран и обидот да се предизвика промена на режимот“. Иранските напори, вели тој, ќе се насочат кон „влијание на интернет, како што е ширење дезинформации на социјалните медиуми и на антиамериканска содржина“.
Поддржувајќи ги наводите на американските разузнавачи, „Мајкрософт“ објави оти хакери со врски со Русија, Кина и со Иран се обидуваат да ги шпионираат клучните актери вклучени во американските избори. За Иран се наведува дека група позната како „Фосфор“ неуспешно се обидела да пристапи до сметките на официјалните лица на Белата куќа и на изборниот штаб на Трамп во периодот од мај до јуни оваа година. Од Министерство за надворешни работи на Иран оценија дека извештајот на „Мајкрософт“ е „фарса“ и нагласија дека „на Иран не му е гајле кој ќе биде во Белата куќа“.
Извештај на Атлантскиот совет за напорите за иранско влијание од почетокот на годинава за Техеран вели дека е фокусиран на промовирање на националната агенда, како и на обидите да стекне регионална надмоќ.
– Речиси целата иранска дигитална содржина се однесува директно на неговиот поглед на светот или на специфични надворешнополитички цели. Затоа, полесно е да се идентификуваат операциите на Иран отколку оние на други актери како Русија, чија содржина е веројатно политички агностичка – се вели во извештајот.
Што велат кандидатите? Иран не беше толку истакнат на изборите во САД како Русија или Кина, како во однос на можното влијание, така и во однос на политиките. Трамп водеше агресивна политика против Иран, повлекувајќи се од нуклеарниот договор и наредувајќи ликвидација на моќниот генерал Касем Солејмани. Бајден вели дека оваа политика не успеала. Тој порача оти има „паметен начин да се биде цврст кон Иран“, ветувајќи дека ќе ги ограничи „дестабилизирачките активности“ на земјата, истовремено нудејќи „пат до дипломатијата“.